X
 23.10.2023 Живот

Како да (не) возите со резервно тркало со намалени димензии?

Ако имате автомобил од поновата генерација, најверојатно немате целосно резервно тркало во багажникот, туку помало тркало или само комплет за брза поправка на дупната гума.

Производителите претпочитаат да го пренаменат просторот во багажникот, па од неодамна таму ставаат батерии. Возачите што имаат мали резервни тркала треба да знаат како правилно да ги користат.

Совети за возење

Според сите релевантни извори на совети, откако ќе го замените обичното со тркало со намалени димензии, можете да го возите автомобилот „нормално“, но не многу долго и не брзо. Таквото тркало може да ви служи само за да стигнете до најблискиот вулканизер, што значи за кратки растојанија и исклучиво по градски или локални патишта. Се препорачува брзината да не надминува повеќе од 80 километри на час и да не се вози подолго од 80 километри.

Премногу брзо или премногу долго возење со такво тркало може ги оштети суспензијата, менувачот и сопирачките, а особено треба да бидете внимателни ако поставите мало тркало напред затоа што ќе биде изложено на дополнително оптоварување поради тежината на моторот, а ќе треба да служи и како погонско тркало, па во тој случај треба да возите уште побавно, на пократка релација и повнимателно.

Во секој случај, возењето на заменско резервно тркало мора да биде разумно и без нагли движења.

Во продолжение ви претставуваме пример од практиката кој покажува што може да се случи ако навистина тргнете на автопат со такво тркало. Англичанец со својот „форд мондео“ и резервно мало тркало излегол на автопат. И покрај препораките, тој возел со брзина од 120 километри на час и сосема очекувано, изгубил контрола над возилото. Неговата „авантура“ предизвикала повеќе прекршоци, па несреќата била забележана на камера и објавена од локалната полиција во Хертфордшир.

22-годишниот возач ја признал вината, но судијата и покрај тоа бил доста строг. За несовесно возење и предизвикување сообраќајка, возачот добил забрана за возење во времетраење од две години, а освен тоа, ќе мора да одработи 200 часа општествено корисна работа во текот на 12 месеци. Исто така, ќе мора да помине 10-дневна програма за обука за безбедно возење и да плати казна од 250 фунти.

- Тркалата со намалени димензии се дизајнирани за да ве одведат на безбедно место, така што треба да возите со помала брзина. Вистинско чудо беше што тука никој не беше тешко повреден како последица на опасното и несовесно однесување на возачот - велат од полицијата во Хертфордшир.

 

Извор: Autonet.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот