X
 23.10.2023 Уметност

Ретка фотографија од 1885 година ги прикажува првите лиценцирани докторки од Индија, Јапонија и Сирија

Според Здружението на американски медицински колеџи, околу 36,3 отсто од активните лекари во САД се жени. Иако оваа бројка е далеку од идеална, сепак, сме поминале долг пат благодарение на луѓето што им пркосеа на општествените улоги и се стекнаа со диплома по медицина.

Неодамна, универзитетскиот медицински колеџ „Дрексел“ откри историска слика која потекнува од 19 век, а на која се претставени првите лиценцирани докторки од Индија, Јапонија и Сирија, фотографирани заедно.

На фотографијата, направена во октомври 1885 година, се Аниндибаи Џоши од Индија, Кеи Оками од Јапонија и Сабат Исламбули од Сирија. Овие три жени биле првите докторки во нивните земји што успеале да се здобијат со диплома по западна медицина. На фотографијата секоја е облечена во традиционален фустан од сопствената земја.

Жените студирале на Женскиот медицински колеџ во Пенсилванија, едно од првите медицински училишта во светот за жени основано од Елизабет Блеквел, првата жена што добила медицинска диплома во САД.

zeni

Нивните приказни се исто толку фасцинантни колку и приказната што ги поврзува. Џоши, која требало да дипломира во 1886 година, одлучила да се занимава со медицина откако го изгубила своето бебе кога имала само 14 години. Кога завршила со школување, кралицата Викторија ѝ испратила писмо на Џоши за да ѝ честита. За жал, таа не добила шанса да се занимава со медицина бидејќи починала од туберкулоза на 22 години, една година по дипломирањето.

Што се однесува до Оками, таа доплимирала во 1889 година и продолжила да работи во болница во Токио, за на крај да стане раководител на одделот за гинекологија. Но, по конфликт со царот, кој одбил да се сретне со неа поради тоа што била жена, почнала да работи како приватен лекар. Подоцна била заменик-директор на училиште за девојки, каде што основала отсек за медицински сестри, пред да се пензионира поради рак на дојка.

Иако не се знае многу за Исламбули, освен нејзиниот датум на дипломирање (1890 година), заедничките цели на овие девојки зборуваат за еднаквост и вклученост, особено со оглед на нивното различно потекло. Поради пионерите како нив, гледаме модерни жени како напредуваат на полето на медицината и можеме да сонуваме за порамноправна иднина.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Legacy Center Archives, Drexel College of Medicine.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност