X
 23.11.2022 Живот

Зошто Канада сака да прими 1,5 милион имигранти до 2025 година?

Канада се надева дека имиграцијата ќе ја пополни празнината во нејзината економија предизвикана од пензионирањето на „бејби бумерите“ кои ја напуштаат работната сила. Но, не сите граѓани се согласуваат да примат толку многу луѓе од странство.

На почетокот од овој месец федералната влада објави агресивен план за прифаќање 500.000 имигранти годишно до 2025 година, со речиси 1,5 милион нови имигранти кои ќе дојдат во земјата во следните три години.

Со овој план Канада ќе прими околу осумпати повеќе од бројот на постојани жители од Велика Британија и четирипати повеќе од нејзиниот јужен сосед, САД.

Но, неодамнешна анкета покажува дека постои вознемиреност во врска со имигрантите.

Со години Канада се обидува да привлече постојани жители - имигранти кои имаат право да останат во земјата на неодредено време, но кои не се граѓани, за да го одржуваат растот на населението и економијата. Минатата година земјата прими 405.000 постојани жители, што е најмногу во нејзината историја.

Причините се едноставна математика. Како и многу западни земји, и Канада се соочува со стареење на населението и пониска стапка на наталитет. Тоа значи дека ако земјата сака да расте, наместо да се намалува, ќе мора да носи имигранти.

Имиграцијата веќе го опфаќа речиси целиот раст на работната сила во земјата, а до 2032 година се очекува да биде одговорен и за целиот раст на населението во земјата, се вели во соопштението на Владата.

Претходно овој месец Владата објави дека до 2025 година се надева дека ќе прима по 500.000 нови имигранти годишно, што е за околу 25 отсто повеќе од бројките во 2021 година.

Уникатно место за живеење во светот


Денес, околу еден од четворица Канаѓани дошол во земјата како имигрант, што е највисоко меѓу Г7-земјите. Споредете го тоа со САД, каде што само 14 отсто се имигранти.

И Велика Британија има имигрантско население од околу 14 отсто.

Џефри Камерон, политиколог од Универзитетот „Мекмастер“, рече дека иако многу земји, како Канада, се соочуваат со пониски стапки на наталитет и стареење на населението, успехот на секој имиграциски систем се потпира на поддршката од народот.

- Ограничувачки фактор за повеќето земји е јавното мислење - вели Камерон.

Во САД, каде што бројот на имигранти кои влегуваат во земјата преку јужната граница достигна највисоко ниво на сите времиња, генерално постои загриженост дека има повеќе имигранти отколку што има работни места.

Пред Брегзит, бранот мигранти од Источна Европа кои се преселиле во Обединетото Кралство создаде реакција против миграцијата. Но, во текот на изминатите неколку години популарното мислење за имиграцијата се зголеми, делумно затоа што луѓето веруваат дека земјата има подобра контрола врз тоа кој доаѓа, за разлика од порано.

Историски, Канада има многу висока поддршка за имиграцијата.

kanada
Фото: Freepik

- Мислам дека дел од причината за тоа е што постои одреден степен на јавна доверба дека имиграцијата во Канада е добро управувана од Владата и исто така е управувана на начин што ѝ служи на интересите на Канада - рече Камерон.

Но, тоа не значи дека не постои загриженост во однос на имиграцијата. Различни делови на Канада имаат различни ставови кон имиграцијата.

Кога Владата ги објави своите агресивни цели за 500.000 нови имигранти годишно, провинцијата Квебек, која треба да постави свои граници за имиграција, рече дека нема да прима повеќе од 50.000 годишно. Тоа би значело дека Квебек, кој има 23 отсто од населението во земјата, ќе прими само 10 отсто од имигрантите во земјата.

Премиерот на Квебек, Франсоа Лего, рече дека е загрижен дека повеќе имигранти ќе го ослабат францускиот јазик во покраината.

Иако е вистина дека Канада може да има повеќе простор да расте, некои места сè уште чувствуваат криза. Големите градови како Торонто и Ванкувер - каде што моментално живеат околу 10 отсто од населението, се соочуваат со криза со високите цени на становите.

Канадски пристап

Друг начин на кој Канада е единствена во западниот свет е нејзиниот акцент на економската имиграција - околу половина од постојаните жители на Канада се добредојдени поради нивните вештини, а не поради обединување на семејството.

Ова е делумно поради тоа како е дизајниран канадскиот систем, вели Камерон. Во 60-тите години Канада се префрли од систем на квоти, каде што на различни земји им беа доделени различни цели, на систем заснован на бодови кој им даваше предност на висококвалификуваните имигранти кои полесно ќе придонесат за канадската економија.

- Истите принципи го водат системот и денес - вели Камерон.

На глобално ниво, ова е уникатно, иако Австралија и Нов Зеланд имаат слични системи.

Не само што Канада прима повеќе имигранти од економска класа од другите големи нации, туку е и една од водечките за преселување бегалци, прифаќајќи 20.428 бегалци во 2021 година.

Но, иако земјата постави амбициозни цели за иднината, историјата покажа дека не секогаш ги исполнува сопствените очекувања. Во 2021 година Канада имаше цел да пресели околу 59.000 бегалци - речиси трипати повеќе отколку што прими земјата.

Во интервју за Си-би-ес, министерот за имиграција Шон Фрејзер рече дека јазот во голема мера се должи на затворањето на границите поврзани со ковид-пандемијата и во Канада и низ целиот свет.

До 2023 година Канада има цел да помогне во преселувањето на 76.000 бегалци.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот