Хелен Адам Келер (1880-1968) била американска писателка и педагог. Запаметена е како медицински феномен и една од жените со најинтересна биографија до 19 век. Ова се неколку од нејзините мисли:
- Среќата не ни го носи она што го гледаме и допираме, ниту она што другите го прават за нас, туку тоа што мислиме дека можеме да го почувствуваме и направиме за другите, а потоа и за сами себе.
- Жалењето е нашиот најголем непријател и ако му се предадеме, никогаш нема да направиме нешто мудро на овој свет.
- Се лизгам, паѓам, станувам. Со тешка мака продолжувам понатаму, но одам напред. Сè повеќе и повеќе се качувам. Гледам сè поголем хоризонт. Секоја борба е победа.
- Плачев што немав чевли, додека не видов човек што немаше нога.
- Најдоброто и најубавото не може да се види, ниту допре. Тоа мора да се почувствува со срцето.
- Карактерот не може да се развие преку леснотија и мир. Само преку искушенија и страдање душата може да се зајакне, визијата да стане појасна, амбицијата да се инспирира и да се постигне успех. Моите пријатели ја напишаа приказната на мојот живот. На безброј начини ги превртеа моите маани во прекрасни предности и ми овозможија да чекорам смирено и среќно под сенките на моите недостатоци.
- Кога среќата ќе ни затвори една врата, често ни се отвора и друга, но ние понекогаш знаеме предолго да гледаме во онаа затворената и да не ја видиме отворената.
Келер уште во детството била слепа и глува. По долготраен процес успеала да научи да се снајде во средината и да заврши училиште. Станала една од најпопуларните икони на американската популарна култура и симбол на инвалид кој успева да ги преброди своите недостатоци. Била позната и по своето залагање за социјализмот.
Родена е во Таскумбија, Алабама. Слепилото и глувоста била последица на енцефалитис кога имала 19 месеци. На 7 години ја добила негувателката Ени Менсфилд Саливен, која со пожртвуваност и трпеливост го постигнала сето она што Хелен не успеала да го постигне со лекарите. Со негувателката ги научила буквите. Потоа научила да зборува и сè повеќе ја покажувала својата интелектуална надареност. Со помош на Брајовото писмо научила и да пишува долги писма.
Кога имала 14 години, дотогашната обука ја заменила со систематска школска настава, а на 18 години била примена во редовна гимназија. Ени била постојано покрај неа и седела до неа за време на наставата. На 19 години Хелен се запишала на книжевност и историја.
Во 1904 ги завршила своите студии. Научила да чита на 4 јазици и станала истакната писателка. Потоа станала инспектор на американскиот завод за одгледување глувонеми и слепи лица. Објавила неколку книги преведени и на странски јазици. Станала врвен јавач на коњи, пливач, се занимавала со едрење и велосипедизам. Ја обожавала смислата за хумор на Марк Твен, го слушала златниот глас на Енрико Карузо, а Јаша Хајвец, виртуозот на виолина, свирел специјално за неа.
Починала на 87 години, во 1968. Целиот живот го посветила на помагањето на глувонемите и слепи луѓе, за кои велела дека се најосамените лица на светот, кои гледаат во темнината и темнината гледа во нив.