X
 23.12.2017 Здравје

Секој може да развие депресија во некој период од животот, вели невропсихијатарот проф. д-р Марија Ралева

За депресијата, оние што се соочуваат со неа, зборуваат и малку и нерадо. Таа погодува сè повеќе луѓе, а знае да е толку опасна, што може да чини и живот. За тоа како да се препознае, кога да се побара помош, зошто е тоа значајно, дали депресијата е состојба или болест, како да се влијае врз децата за да не бидат склони кон неа, но и за низа други прашања разговараме до проф. д-р Марија Ралева, невропсихијатар на Клиниката за психијатрија

Факултети.мк: Кои знаци сигнализираат за депресија?
- Депресијата како растројство се карактеризира пред сè со депресивно расположение и чувство на бесперспективност; губење задоволство и интерес за какви било активности; замор; недостиг на иницијатива, нерешителност, тешкотии во концентрација и при изведување активности кои порано со леснотија се изведувале, губење самодоверба и самопочитување; самокритичност и чувство на вина; промена во апетитот и тежината (слабеење или добивање во тежина), нарушување во спиењето, забавеност или силна вознемиреност и честопати повторувачки размислувања за смрт, и во некои случаи суицидално однесување или обид за самоубиство.

Факултети.мк: Со што се борат луѓето што се соочуваат со оваа состојба? Како ја опишуваат?
- Најчесто лицата што поминуваат низ оваа состојба тешко и малку зборуваат за тоа, се чувствуваат забавени и како да „застанале во времето“. Најмногу ги притиска чувството на празнина, неможноста да ги извршуваат своите вообичаени активности и особено сознанието дека ништо и никој не им причинува задоволство, вклучително и најблиските - семејството и децата. „Сè околу мене се движи само јас сум неподвижна“, вели една млада девојка. Луѓето стануваат несигурни во своето знаење, во професионалните вештини, губат потпора во интелектот и рационалното мислење и се доживуваат затапено, глупаво, па дури и како неспособни и виновни.

Факултети.мк: Какви депресии постојат?
- Депресијата може да има многу лица, т.е. многу различни манифестации. Да го земеме, на пример, бакрорезот „Меланхолија“ на германскиот уметник Албрехт Дирер, ренесансно дело кое сè уште влијае врз модерната имагинација. Тој прикажува крилато суштество кое седи во наведната поза, со главата навалена на раката, лицето во сенка, опкружено со неподвижност и тишина. Од денешна перспектива, Диреровото дело навистина е дијагноза. Тој насликал состојба слично како што докторот ги опишува симптомите на болеста и дури ја именувал како „Меланхолија“. Меланхолијата е друго име за депресија.
Од друга страна, пак, особено кај повозрасните индивидуи, депресијата може да биде маскирана од многубројни други, претежно соматски, т.е. телесни симптоми, и честопати минувајќи низ многу дијагностички испитувања да се дојде до дијагноза на депресија. Таа може да се прикраде незабележливо и да се надоврзе на други хронични заболувања, да го компромитира исходот на многубројни други состојби. Понекогаш може да доминира интензивната психомоторна раздвиженост, вознемиреност и раздразливост, когнитивни тешкотии и нарушувања. Може да се крие под превезот на злоупотребата на супстанции и алкохол и истовремено да биде и причина и последица на ваквата злоупотреба.

Факултети.мк: Кога е состојба, а кога болест?
- Депресивното расположение е еден од кардиналните симптоми на депресијата, но присуството на депресивното расположение не значи автоматски дијагноза на депресија.
Депресивноста може да биде нормална емоционална реакција која често е последица на ситуациски промени и загуби од секаков вид, реакции на сериозен стрес и трауматски искуства. Загубите на блиските членови во семејството, пријателите, партнерите, се честопати причина за тагување и, на пример, времетраењето на ваквата состојба на оплакување на загубите има ритуален карактер и ограничувања, што придонесува за надминувањето на ваквите чувства. Опстојувањето на депресивното расположение, проследено со другите наведени симптоми подолг временски период треба да укаже на потребата од барање помош и третман на ваквата состојба.
Постојат повеќе фактори на ризик за развој на депресија, меѓу кои можат да бидат токму загубите, стресните и трауматските искуства, периодот на бременост, породување и менопауза кај жените, соматски долготрајните болести, сепарацијата и разводот, изолацијата, долготрајната невработеност и сиромаштијата, злоупотребата на алкохол, супстанции и лекови и други состојби. Но, секако треба да се има на ум дека депресијата е сепак генски условена, т.е. дека постои одредена генска предиспозиција која може (но не мора) да се манифестира при содејство со другите фактори на ризик.

Факултети.мк: Кога е време да се побара помош?
- Помош треба секогаш да се побара кога ваквите состојби, кои навидум имаат свое оправдување во причините што ги предизвикале, опстојуваат подолго време, кога се јавуваат гореопишаните симптоми без некој јасен повод и траат повеќе од 3-4 недели, особено кога се придружени со силно изразена вознемиреност и агитираност, или пак со забавеност и особено кога се присутни размисли за смрт и самоубиство.

Факултети.мк: Колку опасна може да е депресијата?
- Депресијата може да биде многу онеспособувачка болест, и според Светската здравствена организација - СЗО депресијата е најголемата причина за инвалидитет во светот. Имено, таа е причина за штети врз светската економија во вредност, според процените, од над 1.000 милијарди американски долари годишно. Од друга страна, таа може да биде живото-загрозувачка состојба ако е придружена со суицидалност.

Факултети.мк: Дали секој човек некогаш во животот ќе се сретне со депресијата?
- Ние живееме во мошне нестабилни општествени околности, секојдневно преживуваме многубројни стресогени и турбулентни животни ситуации со особено високо ниво на психосоцијален ризик и можности за загуби од духовен и материјален карактер, кои на индивидуален план можат да се манифестираат во форма на минливи кризи, но и да преминат во вистински депресивни епизоди. Секој од нас има шанси да развие депресија во некој период од животот. Но депресијата е состојба што може успешно да се лекува со фармакотераписки и психотераписки методи и најчесто двете заедно покажуваат докажана ефикасност во третманот.

Факултети.мк: Од што зависи дали ќе се соочи со неа?
- Но, секако, дали ќе се соочиме со депресија или не во голема мера зависи од квалитетот на животот што го водиме, од духовните вредности што ги негуваме, но и од материјалните можности кои ни го овозможуваат тоа.

Факултети.мк: Иако се чини дека сè повеќе луѓе бараат психолошка помош, сепак многумина сè уште го потценуваат психичкото здравје. Зошто е табу?
- Сè повеќе луѓе бараат помош во однос на своето психичко здравје, но сè уште јавната свест за заштита на менталното здравје е на многу ниско рамниште. Самиот факт дека многу малку се инвестира во буџетите за превенција, а особено за превенција на менталното здравје говори дека и на општествено ниво постои недоволно препознавање на овој проблем и доминира сеуште „заблудата“ дека здравјето е пред се „физичко“, а „менталното, психичкото“ здравје е нешто што по правило треба да го следи физичкото здравје. Политиките сè уште се фокусирани на „физичкото“ здравје. Меѓу здравствените работници сè уште е присутно недоволното препознавање на психолошките фактори во одржување на здравјето, непрепознавање на знаците на нарушено ментално здравје и дискриминацијата на лицата што страдаат од ментално-здравствени проблеми. А табуата се конструираат врз основа на колективните несвесни реакции, стравови и незнаење.

Факултети.мк: Зошто расте бројот на луѓе што се соочуваат со депресија кај нас?
- Пред сè поради долготрајноста и исцрпувачкиот ефект на оваа веќе трауматска општествена транзиција во смисла на загуба на хуманите вредности, за многумина загуба на работата и смислата, самопочитта, соочување со и живеење во сиромаштија, насилништво, трка за материјални вредности, нереализирање на своите потенцијали и професија, на вработување и сл. Депресијата лесно се накалемува на ваква почва.

Факултети.мк: Како да се однесуваме со децата за да не се склони кон депресија?
- Она што е особено протективно за децата во однос на депресија е сигурноста на приврзувањето кон возрасните, родителите и старателите, којашто се развива во првите години од животот, со поттикнување и развивање чувство на доверба и сигурност во себе и во другите. Особено е важен непосредниот контакт и комуникација на родителите со децата низ игра, читање и разговор, игри на отворено и во „природа“ (онаму каде што постои), негување вредности кај децата и младите во однос на заедништвото, пријателството, помагањето и активната партиципација во општеството. На тоа се потпира таканаречената психолошка отпорност – резилиентноста – која е значаен фактор на психолошка стабилност низ животот.

Факултети.мк: Како да одржуваме добро психичко здравје?
- На индивидуален план важно е да живееме избалансиран живот, да бидеме духовно и физички активни, да воспоставуваме рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, и да имаме можност за опуштеност и за свои задоволства. Исто така, особено е важно да побараме помош кога ни е потребна, да си дозволиме да ја искористиме таа помош и секако не помалку важно е да им ја понудиме нашата поддршка на блиските, роднините, пријателите и колегите што се соочуваат со депресија.
Ние имаме моќ да конструираме смисла и значења врзани за сопствениот живот преку приказни кои ги раскажуваме и споделуваме едни со други. Тие нè обединуваат. Затоа активното справување со своите тешкотии и проблеми или помагајќи им на другите го одржува и го поддржува „исцелувачкиот наратив“ на заемната грижа и помагање.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје