X
 29.01.2018 Здравје

Седум клучни симптоми на депресија


Илустрација: Девојка со свиена глава
(Фото: Pixabay)


Иако често не знаеме како да ја дефинираме депресијата, ја поврзуваме со состојби и чувства кои и самите некогаш сме ги доживеале во одредени тажни ситуации. Но, кога се зборува за депресија во клиничката смисла на зборот, односно во смисла на сериозно нарушување, тоа подразбира збир од симптоми кои имаат свој интензитет и траење.

Кај депресијата во клиничка смисла на зборот, лошото расположение најчесто не е поврзано со само една животна ситуација или акција, туку е трајно. Исто така, тоа е секогаш поврзано со други симптоми кои им припаѓаат на соматските, когнитивните и сферите на однесувањето, велат стручните лица. Додаваат дека ваквата состојба вообичаено трае подолго од две недели и интензитетот е таков што ја оневозможува личноста за нормално и пошироко социјално функционирање.

Според процената на Светската здравствена организација (СЗО), денес од депресија боледуваат од 300 до 350 милиони луѓе, а до 2020 година ќе стане втор глобален здравствен проблем (сега е на 4. место), додека кај женската популација е прв. Депресијата е проминентен јавно-здравствен проблем бидејќи е причина за смртност (15 отсто од депресивните личности извршуваат самоубиство), работна неспособност, зголемен ризик од кардиоваскуларни и други телесни болести. 

Овие се симптомите на кои треба да им посветите внимание:

1. Различни методи за потиснување и занемарување на проблемот. Личноста што страда од депресија неретко се преплавува со обврски и брза од една задача на друга за да не мора да размислува или да разговара за она што ја измачува, при што често е доволно некој само да изгребе под површината на тоа скриено чувство за целиот ѕид да се распадне.

2. Претерана склоност кон плачење, негативно гледање на нештата, трајно чувство дека сè со што се занимава личноста ќе излезе лошо, и немоќ за препознавање дека некои работи сепак завршиле добро и покрај негативните очекувања.

3. Често истакнување на уверувањето „мене никој не може/не сака да ми помогне“ или ставот „мене ми нема помош“, односно чувство на безнадежност и претстава за безизлезна ситуација.

4. Згаснување на емоциите, односно фаза на апатија, во текот на која личноста не покажува интерес за нештата што некогаш ѝ биле важни, така што се чини како да „вози“ на автопилот.

5. Необјаснив бес, исто така е еден од начините за изразување на депресијата: на пример, ако личноста не може да се носи со тагата поради тоа што ја повредил партнерот, наместо со него да го разреши проблемот, понекогаш може да реагира така што е постојано налутена и им вика на децата.  

6. Препрекорувачко однесување кон себеси, постојано инсистирање на грешките кои ги направила, и тоа дека не е доволно способна или дорасната за работата и обврските со кои се соочува.

7. Ако личноста престане да се грижи за луѓето што ја сакаат, па и за сопствената сигурност – така, на пример, може да се случи да стане склона кон пребрзо возење или претерано уживање во пороци.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје