X
 23.12.2018 Наша тема

Потрошувачка треска пред Новата година, што сѐ прават пациенти за да влезат преку ред, Христијан студира и покрај Дауновиот синдром... што истражувавме неделава?

Тимот на Факултети.мк неделава се занимаваше со интересни приказни од областа на образованието, здравството, културното наследство. И покрај Дауновиот синдром, Христијан Стојанов студира библиотекарство, игра хип-хоп, плива... ви ја споделивме приказната на овој 21-годишниот скопјанец, за кого секој ден е нов предизвик.

Христијан Стојанов

Некои сакаат да го скокнат долгиот ред за преглед, анализа или снимање, други не можат да обезбедат термин кај лекар по избор, трети се во паника или исплашени, а има и пациенти што се сомневаат во мислењето на лекарот кој веќе ги прегледал... Има цела низа причини поради кои македонските пациенти смислуваат финти како да го скокнат „Мој термин“ и да добијат здравствена услуга што побрзо. Па, додека некои се договараат со конкретни лекари како да им појдат на преглед, а тоа да се оправда административно, другите проблемот си го решаваат во ургентни центри. Лекарите што примаат неитни пациенти на ургентно се категорични: Кога се прават метежи со неитни болни, може лесно да се погреши кај оние на кои брзо им е неопходна здравствена помош.


Новогодишните празници одамна се искомерцијализирани и во наши услови. Комуникологот Сеад Џигал вели дека сега само добиваат нови форми, но исто така добиваат и на интензитет.
- Не само угостителите, туку и брендовите, компаниите, огласувачите ги фокусираат своите ресурси токму во овој период и поттикнуваат „потрошувачка треска“ преку разни кампањи, акции, попусти и други испробани тактики на поттикнување на шопингувањето. Не треба да се занемари ниту локалниот менталитет каде што Новата година е еден вид карневал кој подразбира трошење, макар и по цена на задолжување - вели Џигал.


Со Ангелина Поповска, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар во Скопје, разговаравме за состојбата со културното наследство кај нас, особено со тоа како ги заштитуваме иконите. Таа неодамна ја промовира книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“, ретко дело од полето на оваа дејност во Република Македонија.
Најкарактеристично оштетување на иконите е црвојадината. Друг „напаѓач“ е самиот човек, неговата игноранција или суета. Од тоа ниту конзерваторот не може да ја заштити иконата, вели Поповска.

Ангелина Поповска

Интересот за студиите по македонистика, како и општо за словенските јазици и книжевности, на Масариковиот универзитет беше и сè уште е мошне мал. Последниве години студиумот македонски јазик и книжевност се отвораше еднаш на две години (наизменично со српски јазик и книжевност), и тогаш се запишуваа два-три студенти. До пред неколку години интересот бил можеби поголем, но досега не сум забележал да имало повеќе од 5-6 студенти во една година. Поголема посетеност имаат јазичните курсеви по македонски јазик, кои се отворени за студенти од целиот универзитет, вели Диме Митревски, докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно, поранешен дипломец на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (со чешки јазик и книжевност како втор студиум).


Ливињо е гратче кое се наоѓа на 1.816 метри надморска височина. Има околу 6.500 жители, од кои повеќе од 200 се од Македонија. Се занимаваат главно со угостителство, градежништво, трговија и главно доаѓаат од Македонска Каменица, Делчево, Кратово. Зиме градот е мека за ски-љубителите, напролет и налето е провокација за велосипедисти, атлетичари и сите љубители на аутдор-спортовите.
Во прекрасен ресторан на надморска височина од 2.700 метри со незаборавен поглед го запознавме Ванчо Стојановски од Македонска Каменица. Тој е шеф на ресторан и сомелиер.

Ванчо Стојановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема