Локалните власти во градот Лира, Уганда, им забраниле на жените да седат на предното седиште во камионите што превезуваат луѓе до пазарите околу градот.
По тешка несреќа со камион која се случила на 10 јануари, а во која животот го загубиле 9 луѓе, а биле повредени 19, жените повеќе не смеат да се возат во предниот дел од ваквите камиони во градот. Полицијата заклучила дека причина за несреќата е пребрзото возење и претоварувањето на камионот, но локалните власти во Лира одлучиле дека криви се и жените што седат на предниот дел од возилото покрај возачот.
Имено, според властите, нивната појава ги деконцентрира машките возачи, па затоа се предизвикуваат несреќи. Забраната се однесува на патниците што патуваат од Лира до околните пазари.
Според властите, продавачките на пазар често се „непримерно“ облечени и бараат да седат во предниот дел од возилото, а мажите не може да се контролираат, па затоа предизвикуваат сообраќајни несреќи.
Претставник на превозник од Лира изјавил дека возачите се тие што не се дисциплинирани и не ги почитуваат законите бидејќи сопствениците на камиони не вработуваат квалификувани луѓе, но додал дека сите мора да ја почитуваат новата одлука.
Извори:
Dnevnik |
Nairobi News
Фото: Pixabay