X
 08.03.2022 Живот

Стратегија и закон за родова еднаквост, побараа жените на протестот „Сиромаштијата има женско лице“

Нееднаквоста на жените и нивната дискриминација станала уште повидлива за време на пандемијата, кога токму жените останале без работа за да се грижат за децата или за некој член од семејството, порачаа од протесниот марш во Скопје

„Во нашата земја вработени се половина од жените кои се работоспособни, разликата во стапката на вработеност меѓу мажите и жените е двојно поголема од европскиот просек и една од највисоките во Европа. Јазот на вработеноста меѓу мажите и жените е исто висок како и пред дваесет години. Повеќе од половина од жените што се работоспособни, ниту се вработени ниту се регистрирани во Агенцијата за вработување. Половина од овие жени се исклучени од пазарот на труд и немаат приход од платено вработување бидејќи мора да се грижат за домот и за децата. Велиме мајка ми не работи, таа е домаќинка, велите жена ми седи дома, не работи. Но, тоа не е така, овие жени работат секој ден. Над 220.000 жени кои статистиката ги води како домаќинки работат секој ден, но не заработуваат од својот труд. Зависни се од приходите на домаќинството, постојано се под ризик на економско насилство и ја живеат староста без пензија“, рекоа на денешниот протестен марш „Сиромаштијата има женско лице“ активистките од Платформата за родова еднаквост.



Тие побараа итно усвојување на стратегија за родова еднаквост, донесување закон за родова еднаквост, воведување инспекциски служби кои ефективно ќе спречат експлоатација и дискриминација на работничките и постапување со должно внимание со жртвите на родово базирано насилство.

Според нив, нееднаквоста на жените и нивната дискриминација во општеството станаа уште повидливи за време на пандемијата, кога токму жените останале без работа за да се грижат за децата или за некој член од семејството.

-Видовме како големите газди ги злоупотребуваат субвенциите на грбот на работничките и работниците, видовме како се работи во преполните погони дури и кога заразата загрозуваше животи. Видовме сѐ освен отчет, бидејќи во вашите политики жените вредат сѐ помалку - рекоа активистките од здруженијата од Платформата за родова еднаквост.

Тие нагласија дека често се случувало за време на пандемијата жените да добијат бланко откази, да не им биде платена прекувремената работа или ненавремено да им се даваат платите.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот