Дали сте слушнале за „харвардските компјутери“? Не станува збор за компјутери „Епл“ во библиотеката „Виденер“ на кампусот на „Харвард“. „Харвардски компјутери“ е термин што се користел за група пионерки и недоволно ценети жени-истражувачи кои работеле во Опсерваторијата на „Харвард“ кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Едвард Чарлс Пикеринг, директор на Опсерваторијата, почнал да ангажира жени кои му помагале во неговата идеја за документирање на сите ѕвезди на небото. Овие „човечки“ компјутери во голема мера се заборавени, иако нивниот придонес во астрономијата помогнал за каталогизација и мапирање на над 400.000 ѕвезди и за градење на темелите на модерната астрономија.
Едвард Пикеринг бил ангажиран како професор по астрономија и директор на Опсерваторијата на „Харвард“ во 1876 година. Тој бил посветен на проучувањето на фотометријата - мерењето на тоа колку се светли ѕвездите и другите вселенски објекти. Користејќи прилично нов и несмасен медиум за фотографирање, новиот директор успеал да собере илјадници слики од небото.
Иако пред 1875 година имало жени кои помагале во работата на Опсерваторијата, мажите асистенти биле норма. Сепак, Пикеринг постојано се нервирал поради темпото на кое тие ги анализирале сликите од ѕвездите. Со оглед на тоа што генерално се сметало за непотребно и непожелно да им се даде можност на жените за напредно студирање, Пикеринг не барал дипломи, туку некој со природен талент за броеви.
Една од првите жени-компјутери што ги изнајмил Пикеринг била Селина Бонд. Таа почнала да работи од дома, помагајќи му на Пикеринг. Во 19 век, многу жени од средната и високата класа биле образовани, но реткост било да се занимаваат со академски активности. Еден од ретките начини да се влезе во таков машки свет било ако семејството имало историја во академската заедница (на пример, родителите на Марија Кири, и двајцата биле едукатори).
Вилијамина Флеминг
Пикеринг открил дека неговата слугинка, шкотска имигрантка која претходно била учителка во Шкотска, има неверојатен талент за броеви. Пред да се пресели во САД, Вилијамина била учителка, но по потреба почнала да се занимава со домаќински работи за да преживее во Бостон. Во 1881 година таа им се приклучила на „харвардските компјутери“ во Опсерваторијата. Брзо научила од другите жени. Во 1885 година станала одговорно лице за тимот, работејќи заедно со Пикеринг во развивањето на познатиот каталог на ѕвезди „Хенри Дрејпер“, во кој се наведени илјадници ѕвезди каталогизирани според нивниот спектар.
Нејзината кариера во Опсерваторијата траела 30 години. Меѓу нејзините многу откритија биле маглината Коњска Глава и над 310 променливи ѕвезди. Таа се залагала за жените во астрономијата и одржала говор на Светскиот саем во Чикаго во 1893 година, тврдејќи дека ако им се укаже можност, и жените можат да постигнат колку и мажите. Нејзината работа била поднесена под името на Пикеринг сè до почетокот на 20 век, кога таа, конечно, добила одредена заслуга во астрономските кругови.
Оттогаш се проучуваат нејзините дневници и тие даваат прозорец кон светот на овие рани жени-астрономи. Тогаш тие биле плаќани од 25 до 50 центи на час, а работеле шест дена во неделата. Она што го заработувале било само половина од она што го заработувале мажите.
- Ми кажуваат дека добивам одлична плата со оглед на тоа дека сум жена. Дали некој некогаш помислува дека имам дом за одржување и семејство за кое се грижам, исто како мажите? - напишала таа.
Антонија Маури
Меѓу жените што работеле во Опсерваторијата била и Антонија Маури, внука на астрономот Хенрди Дрејпер, по кого бил именуван каталогот. Таа дипломирала на колеџот „Васар“ во 1887 година, ѝ се приклучила на Опсерваторијата на „Харвард“ и почнала да ги анализира податоците поврзани со спектроскопските бинарни или двојни ѕвезди. Таа го открила „Бета Ауригае“, бинарен систем на ѕвезди. Исто така, таа создала свој систем на класификација на ѕвездите, кој бил подетален од оној на Пикиринг и на крајот бил усвоен во изменета форма од Меѓународната астрономска унија.
За жал, нејзината работа за пресметување на орбитите и периодите на спектроскопските бинари била споменета само во кратка реченица во монументалниот објавен труд на Пикеринг.
- Мислам дека е неправедно работата да ја пренесувам во други работи, до моментот кога ќе може да стои како работа извршена од мене. Јас ја разработив теоријата откако многу вложив во неа и мислам дека треба да имам целосна заслуга за мојата теорија во однос на ѕвездените спектри и за моите теории во врска со Бета Лира - рекла таа.
Хенриета Сван Ливит
Хенриета ги почнала своите студии на колеџот „Оберлин“, но се префрлила во Редклиф пред да дипломира, во 1892 година. По дипломирањето почнала да работи во Опсерваторијата. До 1898 година таа станала кустос за астрономски фотографии, вработена на универзитетот. Таа ги проучувала малите и големите магелански облаци, како и променливите ѕвезди, објавувајќи голем дел од нејзината работа под сопствено име.
Објавената работа на Ливит во првата деценија на 20 век довело до она што е познато како Законот на Ливит.
Ени Џамп Канон
Ени им се приклучила на „харвардските компјутери“ во 1896 година. По своите додипломски студии по физика на колеџот „Велесли“, таа отишла на „Харвард“ за да продолжи со постдипломски студии. Таа била од голема важност за Пикеринг бидејќи му помогнала да ја создаде Харвардската класификациска шема за ѕвездите. За време на нејзината долга кариера, класифицирала над 350.000 ѕвездени тела. Била првата жена што некогаш добила почесен докторат од Универзитетот „Оксфорд“.
Над 80 жени работеле како „харвардски компјутери“ за време на мандатот на Пикеринг, од 1877 година до неговата смрт во 1919 година. Работата била прилично монотона и вклучувала подготовки на фотографии и последователна анализа. Било потребно и да се отстрануваат податоците. На малку жени им било дозволено да го користат телескопот што во голема мера го кочело понатамошното развивање на теоретската работа.
Во 2013 година списанието „Смитсонијан“ ги нарече „харвардските компјутери“ жени што го мапираа универзумот и сè уште не можеа да ја добијат заслужената почит.
Но, денес, овие жени конечно добиваат дел од своето заслужено признание. Проектот на „Харвард“ наречен PHaEDRA е заеднички напор да се соберат, транскрибираат и ископаат делата на овие рани астрономи. Канон ја презеде работата на Опсерваторијата во 1919 година, по смртта на Пикеринг, а жените-истражувачи продолжиле да бидат интегрален (и недоволно ценет во академските институции) дел од Опсерваторијата и во текот на 50-тите години.
Овие пионери на астрономијата ги поместија границите на математиката и физиката, како и што се очекувало од жените во општеството.
Се надеваме дека нивните напори ќе останат запаметени во училниците низ светот по тоа што фрлија светлина на темните агли на универзумот.
Извор: Mymodernmet.com
Фото:
Wikimedia Commons