X
 24.01.2022 Живот

Како концептот „самфундсинд“ им помогна на Данците да ја преживеат изолацијата во пандемијата?

Духот на заедницата или општествената свест е слободниот превод на данскиот збор „самфундсинд“ (safundssind), за кој светот научи најмногу во последните две години. Во годината кога првпат слушнавме за коронавирусот, кој целосно ни ги промени животите, тој збор беше прогласен за дански збор на годината избран од Јазичниот совет, а во првите месеци од пандемијата бил употребен 2.855 пати почесто од вообичаеното во данските вести.

Како самфундсинд им помогна на Данците да ја преживеат изолацијата?

Негување на заедницата и социјалните вредности, и највисока доверба во институциите

Данска има силна традиција на негување заедништво и општествени вредности. Уште во 19 век можело да се види тоа во селата, каде што земјоделците се здружиле за полесно да ги постигнат заедничките цели. Во истиот век, во руралните средини биле организирани јавни училишта со цел да се обезбеди барем основно образование за сите. И денес здруженијата на работниците се силни, а основната идеја е дека кога луѓето се обединуваат, полесно е да го постигнат тоа што е во нивен интерес отколку кога дејствуваат индивидуално.

danska
Фото: Freepik

Токму овој збор го употреби данскиот премиер кога коронавирусот пристигна во Европа. Повикувајќи ги Данците на „самфундсинд“, тој апелираше да се преземат мерки за заедништво и грижа еден за друг. Таа земја беше меѓу првите што прогласи заклучување и Данците го прифатија тоа. Приватните компании донираа во јавните здравствени установи за да го намалат притисокот врз здравствениот систем, сето тоа како дел од кампањата на Данска за помош на Данска. Познати готвачи готвеа за сиромашните, во Тиволи беше отворена бесплатна градинка за децата на оние кои требаше да работат, фабриките произведуваа визири за медицинскиот персонал бесплатно, а обичните луѓе гледаа на мерките и нивното придржување како логичен потег за одржување на духот на заедништво и солидарност.

Освен во пандемијата, „самфундсинд“ е видлив и во многу сфери на јавниот живот. Данска има една од највисоките стапки на доверба во Владата во целиот свет, а оваа стапка постојано се зголемува во последните 30 години, за разлика од повеќето други земји. Покрај тоа, таа секогаш е на врвот на листата со земји со најмалку корупција.

danska
Фото: Freepik

Социјалната доверба води и до меѓусебна соработка: речиси 80 отсто од Данците во истражување од 2009 година рекле дека може да им се верува на повеќето луѓе, а довербата во политичарите е исклучително висока. Таков оптимистички поглед на општеството не би бил возможен без ефективна влада и јавни институции кои навистина се  грижат за граѓаните. Токму затоа во многу анкети за среќата и задоволството од животот, првото место најчесто ѝ припаѓа на Данска.

При посетата на Данска, туристите често се изненадени кога ќе видат тезги со локални производи покрај патот, без продавачи, само со кутија за доброволни донации. Не е невообичаено жените да ги оставаат своите деца во колички на улица додека брзаат во продавницата - ова покажува дека луѓето имаат доверба во своите сограѓани. Интересна приказна се случила во Њујорк во 1997 година кога жителка на Данска била уапсена бидејќи оставила дете пред ресторан. Овој пример ги покажува разликите во културата на овие две земји.

Култура на заедништво и меѓусебно помагање

Данското министерство за култура во 2016 година спроведе јавно гласање за тоа што е најголемата вредност на земјата. Довербата беше избрана како најважна. Луѓето што се преселуваат во Данска често се шокирани од нивните високи даноци, но уште повеќе од тоа што Данците не се противат на нив. Данците ги прифаќаат високите даноци затоа што веруваат дека со плаќањето на својот дел учествуваат во благосостојбата на сите: прифатлива здравствена заштита, бесплатно образование, дарежливо породилно отсуство...

danska
Фото: Freepik

Во Данска, како и во другите скандинавски земји, постои висок степен на општествена одговорност и солидарност.

Покрај тоа, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Данска има една од најниските стапки на нееднаквост на платите во светот. А културата во која сите се добро е единствената што може да негува култура на заедништво и заемна помош.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот