Патувајќи низ нашата земја, забележавме колку во овие предизвикувачки времиња на сите нас ни значи да се доближат книгите и авторите што повеќе и буквално во сите места што ги посетивме нè пречекаа луѓе гладни за книжевни и културни случувања, велат од издавачката куќа „Антолог“, споделувајќи ги искуствата од изминатите два месеца откако нивната „Книжарница на тркала“ почна да патува низ земјава
Пандемијата на коронавирусот нè лиши од многу работи што беа нормални за нас. Театрите, музеите и галериите низ земјава или беа главно затворени или работеа со минимален капацитет. По првичниот шок што следуваше со воведувањето вонредна состојба и „заклучувањето“, бевме принудени да се навикнеме на новиот начин на живот и да прифатиме дека кафулињата, рестораните, трговските центри, театрите и кината се затворени, дека нема концерти, литературни вечери, отворање на изложби, а повеќето културни содржини се префрлија на платформите на интернет.
Книгата се покажа како најжилавиот културен производ, достапен за сите. И светските искуства покажуваат дека во изминатата година повеќе од кога било се купувале книги. Трендот на читање продолжува, желбата за книга не стивнува. Тоа го покажуваат и искуствата на издавачката куќа „Антолог“, која во текот на март ја покрена т.н. „Книжарница на тркала“, која како сосема нов и иновативен концепт има цел да го подигне нивото на достапноста на книгите и културата на купување книги.
- Откако на 17 март почна да се одмотува приказната на „Книжарницата на тркала“, сфативме колку еден ваков концепт навистина бил потребен во нашата средина, така што без никаква задршка можеме да кажеме дека реакциите буквално насекаде се исклучително позитивни. Читателите сакаат модерни и иновативни начини на приближување на книгите, а „Книжарницата на тркала“ е токму тоа – ново, креативно, несекојдневно и авантуристичко книжевно доживување. Патувајќи низ нашата земја, забележавме колку во овие предизвикувачки времиња на сите нас ни значи да се доближат книгите и авторите што повеќе и буквално во сите места што ги посетивме нè пречекаа луѓе гладни за книжевни и културни случувања. Благодарение на тоа, имаме мотив и инспирација да продолжиме во истиот правец и со исто темпо - вели Кристина Дукоска, уредничка во „Антолог“.
За тоа како се одрази пандемијата врз купувањето/читањето книги, оттаму велат дека иако можеби звучи малку несолидарно, новата состојба на изолација на луѓето, во оваа смисла, се одразила позитивно.
- Она што со сигурност можеме да го кажеме е дека пандемијата ги промени на подобро навиките за читање кај луѓето, што е резултат на повеќе причини, но, пред сè, на поголемото слободно време, како и на потребата за бегство од реалноста во книжевните светови. Сега е време да се прочитаат сите наслови што долго биле на листата на чекање и да се збогатат домашните библиотеки со нови наслови - додава Дукоска.
Од преводната литература најмногу се барале големите трилер-автори како Софи Хана, Ирса Сигурдардотир, Долорес Редондо, Јуси Адлер-Олсен, Ахмет Умит, но интересот на публиката бил отворен и за авторите со малку поинаков сензибилитет како Артур Конан Дојл, Станислав Лем, Светлана Алексиевич, Евгениј Водолазкин. Шведските ѕвезди Фредрик Бакман и Софија Луднберј, пак, дефинитивно биле меѓу омилените кај оние што сакаат емотивни животни приказни, кои навистина можат да ги трогнат.
Заедно со „Книжарница на тркала“ понекогаш патуваат и некои наши автори, и токму овие нивни средби со публиката, онолку колку што дозволуваат тековните протоколи, биле вистинска потврда на целата идеја за оваа книжарница.
- Сепак, меѓу сите наши читатели и обожаватели најмногу нè радуваат, се разбира, најмалите, и вистинско задоволство е кога ќе видиме дека деца чекаат ред за да купат книга - додаваат од „Антолог“.
Книжарницата ја менува својата локација низ целата држава, почнувајќи од поголемите градови како Скопје, Велес, Штип, Кочани, Прилеп, Битола, Тетово, Гостивар, Кавадарци, но посетувајќи и некои помали места како што се Македонска Каменица, Делчево или Ресен.
- Луѓето не се свесни дека зад секое гостување се „крие“ огромна административна работа со надлежните институции во местата што ги посетуваме и затоа не секогаш и не секаде можеме веднаш да отидеме. Без љубезните покани и отвореноста на општините чии гости сме, сите овие настани не би биле можни. Затоа, ќе продолжиме да балансираме меѓу поголемите и помалите градови, но би сакале да ги посетиме и руралните средини зашто знаеме дека и таму имаме читатели на кои ќе им донесеме радост преку книгите, радост што досега не им била овозможена на ваков начин. Агендата ја исполнуваме постапно, чекор по чекор - вели Дукоска.
Идејата за „Книжарницата на тркала“ потекнува од состојбата на терен, односно сознанието дека во голем број градови и места во земјава нема книжарници.
- Постојано добивавме пораки и повици од наши читатели од другите градови во нашата земја, каде што бројот на книжарниците и на изборот на книгите е мал, а некаде воопшто и ги нема, и токму како резултат на тоа и се создаде овој концепт, сфативме дека животот во помалите градови си има извесни ограничувања, а ние токму тоа сакаме да го промениме – сакаме да ги срушиме сите ограничувања кога станува збор за книжевноста и читањето - велат од „Антолог“.
Зголемена продажбата и на електронски книги
Сервисот за уредување и лектура „Глобал инглиш едитинг“ собра статистички податоци од разни извори, вклучувајќи ги и податоците од центрите за истражување „Пју“ и страницата со податоци за бестселерите на „Амазон“. Статистиката покажала дека 35 отсто од интернет-корисниците низ светот пријавиле дека читаат повеќе во текот на пандемијата, додека 14 отсто пријавиле дека читаат значително повеќе. Овој феномен бил најдрастичен во Кина, каде што 44 отсто од испитаниците изјавиле дека ја засилиле својата читачка активност благодарение на коронавирусот.
Овој пораст станал најочигледен лани во март, кога повеќето земји воведоа задолжителна изолација првпат по појавата на вирусот. Тој месец е забележана бројка од 1,51 милијарда посети на страниците посветени на книгите, книжевноста и електронската продажба на книги, што е за 8,5 отсто повеќе во споредба со претходниот месецот. Што се однесува до тоа кои четива најмногу ги одбирале корисниците, тоа биле книгите на Стивен Кинг, кои станале уште попопуларни за време на пандемијата.