X
 24.01.2023 Наша тема

Д-р Александра Дединец од ФИНКИ: Со подемот на вештачката интелигенција ќе се изгубат одредени работни места, но и ќе се креираат нови, поиновативни и поплатени

Кај одредени луѓе креативноста нема да се разбуди со постојано користење на ваквите системи, но секогаш има две страни на приказната. Јас лично сметам дека ваквите системи ќе им бидат од помош на луѓето и ќе ги поттикнат поиновативно, понапредно да размислуваат, вели Александра

Дел стравуваат од неа, а дел го чекаат нејзиниот развој со раширени раце. Вештачката интелигенција или AI (ВИ) е тема на дебата веќе неколку години наназад. Поради молскавичниот развој на компјутерската технологија, сѐ почесто се зборува за нејзина примена во повеќе области на живеењето, па дури и во такви каде што човечката креативност е навидум неприкосновена.

Вештачката интелигенција е научна област која се стреми да им ја пренесе човечката интелигенција на компјутерите. Тоа вклучува различни аспекти од човечката интелигенција, како што се способноста за учење, решавање проблеми, донесување одлуки, играње игри, преку препознавање и разбирање на аудио и визуелниот свет. Вештачката интелигенција е во тесна врска со многу други области што се занимаваат со решавање на поединечните проблеми, како што се машинското учење, компјутерската визија, роботиката, науката за податоци итн.

За полесно да ја разбереме вештачката интелегенција, побаравме мислење од Александра Дединец, која работи како доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Таа докторирала на ФИНКИ во 2017 година на тема „Моделирање на паметни енергетски мрежи“. Нејзината истражувачка област е поврзана со машинско учење, вештачка интелигенција, моделирање на паметни мрежи, мрежна автоматизација и моделирање и развој на апликации за енергетски системи.

Доц. д-р Александра Дединец

- Се согласувам дека кај одредени луѓе креативноста нема да се разбуди со постојано користење на ваквите системи, но секогаш има две страни на приказната. Јас лично сметам дека ваквите системи ќе им бидат од помош на луѓето и ќе ги поттикнат поиновативно, понапредно да размислуваат, полесно и побрзо да создадат крајни продукти бидејќи информациите им се лесно достапни. Сепак, на крај е човекот кој треба да оцени дали одговорот што го добил е соодветен и може да го искористи, приспособи и подобри - објаснува Александра.

Вештачката интелигенција на ФИНКИ има значаен удел во студиите на студентите

Иако многумина ја замислуваат вештачката интелигенција како „роботи кои ќе ги заменат луѓето“, таа е веќе присутна насекаде околу нас и практично ние секојдневно ја користиме без да бидеме свесни за тоа, вели Александра. Таа посочува дека вештачката интелигенција на ФИНКИ има значаен удел во студиите на студентите. Таа не се изучува само по предметот Вештачка интелигенција, туку и во над десет предмети кои се занимаваат со поединечните подобласти, како што се машинско учење, машинска визија, обработка на природни јазици, податочно рударство, основи на роботика итн.  

Значи, по дипломирањето студентите се подготвени за работа со вештачка интелигенција, не само во смисла на теоретско знаење, туку и за практична примена во различни реални проблеми.

- На пример, вештачка интелигенција користиме секогаш кога преку Google maps сакаме да дознаеме колку време ќе ни треба да стигнеме до дадена дестинација имајќи го предвид метежот во сообраќајот, кога користиме паметен асистент на нашиот телефон или преку паметен звучник, за детекција и препознавање лице за отклучување на телефон или за примена на различни филтри кога се сликаме, дополнување и преведување текст, филтрирање спам е-пошта, препознавање знаци на патот од страна на нашиот автомобил, отстранување на несоодветен текст од социјалните медиуми, препорака на продукти кои би нѐ интересирале, како книги, филмови, музика и слично на апликациите што ги користиме. Од страна на бизнисот, исто така, вештачката интелигенција се користи секојдневно, на пример, за сегментација на пазар, детекција на измами, предвидување на производството и потрошувачката на различни продукти или енергенти, целно рекламирање итн. - додава Александра.

 фото: Unsplash

ВИ може да се користи за предвидување на сѐ

Иако вештачката интелигенција е веќе многу значаен дел од нашиот живот, Александра очекува дека вештачката интелигенција ќе почне да се применува во буквално сите области, со сѐ поголем удел. Користењето ВИ во различни области може да придонесе кон големи економски, социјални, но и придобивки од аспект на животната средина.

- На пример, во здравството ВИ може да се користи за предвидување на сѐ, од бројот на пациенти кој се очекува во различни оддели (на пример, за соодветно распоредување на персоналот), до предвидување на најсоодветните третмани за одредени болести, понатаму за превенција на голем број болести (и со помош на сѐ поголем број паметни уреди кои ќе ги носиме), рано откривање болести, па сѐ до извршување операции од страна на компјутерите. Големи промени се очекуваат и во областа на процесирање на текст, со тоа што компјутерите ќе станат подобри од луѓето во пишување текстови за одредена тема, преведување, па дури и пишување книги. Во трговијата, исто така, се очекува компјутерите да бидат подобри продавачи, со автоматизирана достава со користење дронови - додава Александра.

Ќе се изгубат одредени работни места, но и ќе се креираат нови

Постои голема загриженост дека ВИ ќе замени многу професии. И, да, одредени професии веќе нема да постојат, што е слично со процесот на развој на технологијата, што придонесе голем број професии да изумрат, но Александра смета дека, од друга страна,  ќе се креираат и нови работни места, можеби поиновативни и поплатени од претходните и кои ќе вклучуваат развој на ваквите системи.

- Значи, да, ќе се изгубат одредени работни места, но и ќе се креираат нови. Овој процес уште повеќе ќе се интензивира со сѐ поголемото користење на ВИ. Сепак, лошо дизајнирани системи базирани на ВИ може да имаат обратен ефект. На пример, со недоволно репрезентативни и квалитетни податоци може да се дизајнира систем кој недоволно го разбира проблемот и може да даде погрешни резултати. “The AI Act”, кој треба да се усвои до крајот на 2023 година, ги категоризира различните аплликации и системи според степен на ризик. Според тоа, на пример, највисокоризични се системи кои користат вештачка интелигенција за општествено бодирање и кои ги искористуваат луѓето што се ранливи поради нивната социјална или економска ситуација и овие системи се забрануваат - објаснува Александра.

 фото: Unsplash

ChatGBP би била уште една во низата алатки кои ќе им помогнат на студентите да дојдат до знаење

Александра смета дека користењето на ВИ од страна на студентите на ФИНКИ при изработката на трудови и слично може само да им помогне да дојдат до одредено знаење. Таа се осврна на ChatGBP како голем јазичен модел базиран на ВИ кој има способност да комуницира во форма на дијалог.

- Во однос на семинарски и слични трудови, барем кај нас на факултет, одамна не се даваат теми кои може целосно да се најдат на интернет и немаат специфична намена. Секако дека и сега голем број семинарски се пишуваат со помош на информации добиени од интернет, но од студентите вообичаено се бара и да го применат тоа знаење на конкретен проблем и потоа да го презентираат добиеното знаење. ChatGBP би била уште една во низата алатки кои ќе им помогнат на студентите да дојдат до тоа знаење. Овој модел е трениран на огромен број податоци од интернет, вклучувајќи и дискусии, но и со помош на повратна врска од луѓето, што во суштина го учи моделот на тоа што луѓето очекувале од него кога поставиле одредено прашање. Според тоа, секако може да биде многу корисен за брз и лесен пристап до податоци, за скратување на времето потребно да се напише одреден текст или за помош при кодирање. Како и да е, одредени прашања може да не бидат соодветно разбрани, па да се добие погрешен одговор - објаснува Александра.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема