Победничките тимови ги доразвиваат своите производи кои во април ќе бидат презентирани пред компании од секторите туризам и земјоделство. Целта е овие производи да бидат доразвиени и да најдат комерцијална примена во секторите
Студенти од неколку факултети развија софтверски решенија кои ќе најдат примена во секторите земјоделство и туризам. Тие ги презентираа своите замисли на два хакатони кои се одржаа пред неколку месеци. Едниот победнички тим изработи веб-платформа на која може да се дојде до идеалното патување и за истото да се плати онлајн, а другиот студентски тим, кој победи, направи платформа со онлајн-продавница преку која земјоделците можат да ги пласираат своите производи. Со ваквите иновативни решенија кои се применливи во практика целта е да им се помогне на компаниите од двата сектора кои имаат потреба од ИТ-решенија.
Двата хакатони се одржаа пред неколку месеци, во организација на Студентскиот парламент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ. Активноста се реализира со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.
Во овој период победничките тимови ги доразвиваат своите производи, кои во април ќе бидат презентирани пред компании од секторите туризам и земјоделство. Целта е овие производи да бидат доразвиени и да најдат комерцијална примена во секторите.
Наместо на пазар, на „Тезга.мк“
Димитар Танчески е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и беше дел од победничкиот тим за земјоделство. „Тезга.мк“ е веб-платформа со вклучена онлајн-продавница/огласник која има цел земјоделците на едноставен начин да ги пласираат своите стоки и продукти. Планот е сите информации, вести и совети за одгледување да бидат достапни преку секција на самата платформа наречена „совети и вести“. Ова е, всушност, еден вид т.н. социјална мрежа исклучиво за земјоделци и корисници кои се заинтересирани од областа на земјоделството.
- Денеска имаме изобилство од овошје и зеленчук на пазарите и во супермаркетите. Но, понудата од изборите е вештачка, првенствено, по разновидност и вкус. Со индустријализацијата на земјоделството неповратно ја губиме таа разновидност од стари, локални автохтони сорти по кои ја препознаваме нашата традиционална кујна (тавче-гравче, ајвар итн.). Иако постојат разни иницијативи, односно начини за намалување на притисокот од губење на разновидноста, кај нас, за жал, нема. Желбата за заштита на македонскиот агробиодиверзитет нè доведе до идеја за развој на платформа која ќе понуди промоција, а со тоа и одржување на нашиот агробиодиверзитет. Се надеваме дека со овој наш чекор и искрена желба за промоција и враќање на вкусот и употребата на нашата традиционална кујна според старите рецепти, ќе поттикнеме поголеми чекори кои ќе го заштитат и промовираат македонскиот агробиодиверзитет - објаснува Танчески.
Тимот што работеше на ова решение е составен од три члена, двајца студенти на ФИНКИ и еден студент на Факултетот за земјоделски науки и храна, како и ментори и професори од двата факултети. Професионалните совети на менторите им биле голема поддршка, што довело до изработка на решение за кое сметаат дека ќе им помогне на земјоделците во Македонија.
Веб-страница за подобра организација на патувања и тури
Леона Илиева е претставник од тимот кој на хакатонот победи со претставување на платформата за туризам. Преку оваа платформа туристичките агенции ќе имаат можност да споделуваат нивни тури и патувања, па така корисниците ќе можат полесно да си го најдат идеалното патување. Илиева вели дека на овој начин корисниците ќе имаат можност и да прочитаат нешто повеќе за најпознатите туристички атракции во Македонија и интересни факти за нив. Страницата, исто така, би им бил од корист и на агенциите бидејќи ќе им биде автоматизиран начинот за известување на соработниците за резервации за одредена тура и затоа што ќе може лесно да се промовираат и ќе можат да се покажат во најдобро светло за да може да бидат подобри од нивните конкуренти.
- Ова решение го одбравме бидејќи имавме искуство кога баравме патување и требаше да отвориме голем број различни агенции, па да ги споредуваме понудите и слично за да го најдеме најдоброто, но тоа одземаше многу време. Уникатноста на ова решение е во тоа што не постои некоја друга ваква или слична платформа во Македонија, а веруваме дека има голем број луѓе што се имаат соочено со истиот проблем како нас. Токму поради оваа причина, сметаме дека нашата веб-страница е нешто што би им било од корист на поголем број луѓе што планираат патување - вели Илиева.
Она што е интересно и корисно е што платформата ќе им понуди и на компаниите нешто поразлично бидејќи при направена резервација ќе може да ја видат сите соработници што се вклучени во тоа конкретно патување (на пример, автобус, хотел, ресторан и слично), па наместо компанијата да ги известува сите посебно, тие сами ќе имаат увид во резервациите за патувањето.
- Страницата ќе помогне за подобрувањето на квалитетот на организирањето на патувањата, како и целокупниот квалитет на агенцијата - додава Илиева.
Ѓоргиевски: Се финализираат двата победнички продукти
Aлександар Ѓоргиевски, претседателот на Студентскиот парламент на ФИНКИ, вели дека сега се финализираат двата победнички продукти кои ги создадоа студентите со помош на нивните ментори.
- Во втората половина од април ќе се организира онлајн-настан на кој ќе бидат поканети сите компании од секторите туризам и земјоделство. На тој настан ќе се презентираат двете победнички решенија и дел од решенијата чии тимови сакаат да се претстават пред компаниите. На настанот компаниите ќе може да се „претплатат“ на платформите и да инвестираат во реализацијата на оние што не се финализирани. По завршувањето на финалниот настан, веб-страниците ќе им бидат достапни за користење на сите граѓани, затоа што освен што им ја олеснуваат работата на компаниите, ваквите решенија ќе можат да ги применуваат и физичките лица - информира Ѓоргиевски.