X
 24.02.2017 Живот

Зошто луѓето уживаат во слушањето тажна музика?

Јапонските истражувачи од токискиот Универзитет за уметности и научниот институт РИКЕН, на чело со истражувачот Аи Кавами, утврдиле дека тажната музика може да предизвика и позитивни емоции. Во студијата која е објавена во списанието Frontiers in Psychology, тие наведуваат дека тагата доживеана низ уметноста, може да помогне во соочувањето со негативните емоции во секојдневниот живот.

Истражувањето покажало дека тажната музика евоцира  контрадикторни емоции кај испитаниците, но истовремено, предизвикува и романтични чувства кај нив. Луѓето, без оглед дали  се музички едуцирани или не, го преживуваат тоа амбивалентно чувство додека слушаат тажна музика.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, за разлика од чувството на тага во секојдневниот живот, тагата доживеана низ уметноста всушност се доживува како пријатна, најверојатно затоа што не се перцепира како реална закана за сигурноста и безбедноста.

Ова би можело да помогне во справувањето со негативните емоции од секојдневниот живот.

„Емоциите доживеани низ музиката, не претставуваат непосредна опасност, ниту можат да предизвикаат штета, за разлика од емоциите што се доживуваат во секојдневниот живот. Значи, можеме дури и да уживаме во непријатната емоција, каква што е тагата. Ако страдате од непријатни чувства предизвикани од разни ситуации во секојдневниот живот, тажната музика би можела да помогне во ублажувањето на истите“, се наведува во заклучокот на оваа студија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот