X
 27.04.2020 Наука

Не можете да престанете да пушите? Можеби е поврзано со тоа колку сте тажни

Емоциите имаат голема улога и во тоа како се однесуваме и во нашето здравје. Доживувањето позитивни емоции е поврзано со пониско ниво на воспаленија, а емоционалната контрола е поврзана дури и со повисоки перформанси во спортот. Исто така, негативните емоции можат да имаат сериозно влијание врз однесувањето.

Новите истражувања од Чарлс Дорисон и неговите колеги од Универзитетот „Харвард“, објавени во списанието „Пи-ен-еј-ес“, ја анализирале улогата на негативните емоции врз зависноста. Иако некои теории велат дека генерално негативните емоции се поврзани со проблематична употреба на супстанции, истражувањето посочува дека барем кога станува збор за цигарите, тагата е таа што е поврзана со оваа зависност.

Во текот на првото истражување тимот анализирал 10.685 луѓе во период од 20 години и открил дека тагата значително го предвидела статусот на пушење - нешто што не го направила ниту една друга емоција, ниту позитивна ниту негативна. Се чинело дека имало и долгорочен ефект: тагата пријавена во првата фаза на податоците предвидувала пушење 10 и 20 години подоцна.

Во второто истражување, кое се осврнало на желбата за цигарите, 425 пушачи биле поставени во три ситуации: тага, гадење и неутрална средина. Оние што биле тажни го гледале цртаниот филм „Нагоре“ на „Пиксар“. Требало да напишат за моментите кога и самите доживеале загуба, како постариот човек во филмот.

cigari
Фото: Pixabay

Оние што биле во услови што предизвикуваа гадење гледале сцена од „Трејнспотинг“ во која Јуан Мекгреор се наоѓа во нечист тоалет. Од нив било побарано да напишат слично искуство од сопствениот живот. Во неутрална состојба, учесниците гледале видео од изработка на мебел и требало да пишуваат за нивната работа.

Пред и по гледањето на филмовите на учесниците им биле поставени три прашања за тоа колку сакаат да запалат цигара. Уште еднаш тагата била поврзана со употребата на цигарите. Тагата ја зголемила желбата за пушење во споредба со неутралната состојба и состојбата на гадење.

Трето истражување повторно ги анализирало желбите. 760 учесници гледале или неутрални или тажни видеа, а потоа кажувале дали сакале неколку пати да тргнат од цигарата веднаш или сакале да почекаат. Оние што биле тажни биле понетрпeливи.

Во последното истражување 158 пушачи требало да се воздржат од пушење најмалку осум часа. Учесниците повторно гледале тажно или неутрално видео. Истражувањето повторно покажало дека оние што биле тажни биле понетрпеливи.

Потребно е да се спроведат дополнителни истражувања за врската помеѓу негативните емоции и другите зависни супстанции: односот помеѓу тагата и употребата на хероин, на пример, може да биде сосема различен.

Извор: Digest.bps.оrg
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука