X
 24.02.2022 Образование

Методот за учење со разбирање на нобеловецот Ричард Фајнмен

Ричард Фајнмен бил познат американски научник - добитник на Нобеловата награда за физика за работата во квантната електродинамика. Тој имал свој метод на учење кој можеби бил клучот за неговиот успех. Еве од што се состоел:

Одредете наслов на темата

Како прв чекор, се предлага да одредите наслов на темата или поимот кој сакате да го запомните и да го напишете на хартија. Тоа може да биде и наслов на најтешката лекција што треба да ја научите.

Замислете дека сте предавач

Следниот чекор е објаснување на дадената тема, притоа замислувајќи дека вие ја предавате. На тој начин, најдобро ќе си ја објасните темата себеси и ќе ви биде јасно што треба да научите, а што не сте разбрале. Доколку само го повторувате материјалот, може да учите напамет, а без разбирање.


Фото: Ричард Фајнмен/Wikipedia


Користете ја книгата

Доколку застанете на одреден дел или нешто не ви е јасно, слободно употребете книга или друг материјал. Читајте го материјалот додека да успеете да ја објасните темата. Кога ќе успеете да објасните или напишете сѐ што е потребно за темата без да ја користите книгата, тогаш ќе бидете сигурни дека сте го усвоиле материјалот.

Поедноставете ги поимите

Во книгите често се користат стручни и комплицирани изрази. Затоа, кога ќе ја објаснувате темата, обидете се да најдете поедноставни зборови. На тој начин подобро ќе го разберете материјалот и подобро ќе ги запомните сите информации.

Извор: Studomat
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование