X
 03.01.2025 Живот

Што ќе се случи со мозокот ако направиме пауза од социјалните мрежи?

Додека експертите предупредуваат на карактеристиките на социјалните мрежи што предизвикуваат зависност, сè повеќе луѓе бараат начин да се извлечат од нив. Доказ за тоа е скокот од 60 отсто во пребарувањата на „Гугл“ поврзани со „детоксикација од социјалните мрежи“ во последните месеци.

Загриженоста за зависноста беше нагласена и од страна на „Оксфорд јуниверсити прес“, кој го избра зборот „гниење на мозокот“ за збор на годината за 2024 година.

Ана Лембке, експерт за медицина за зависности и авторка на книгата „Допаминска нација: наоѓање рамнотежа во ерата на уживањето“, објаснува дека луѓето можат да станат зависни од социјалните медиуми исто како што можат да станат зависни од дрога.

Врз основа на она што го знаеме за тоа како дрогата и алкохолот влијаат врз мозокот, може да се заклучи дека сличен процес се случува кога ги гледаме социјалните мрежи, при што секој лајк, коментар или слатко видео предизвикува бран на допамин.

Но, нашиот мозок е дизајниран да одржува целокупна рамнотежа на допаминот, што Лембке го опишува како механизам на клацкалка. Бесконечното гледање во социјалните мрежи на крајот ја нарушува рамнотежата. Со текот на времето, тоа може да доведе до состојба на „дефицит на допамин“, каде што ни е потребно повеќе време поминато на интернет за да се вратиме на нормалното чувство.

1
Фото: Freepik

- Паузирањето од овој допамински циклус предизвикан од социјалните мрежи може да му овозможи на мозокот да ги ресетира патиштата за надградување - вели Лембке додавајќи дека тоа ни овозможува да го запреме компулсивното прекумерно консумирање што доведува до „гниење на мозокот“.

Но, треба да се земе предвид дека не постои универзално решение што одговара за сите луѓе кога станува збор за дигиталната детоксикација, според Пејџ Којн, коавтор на истражувањето за здравствените ефекти од двонeделната детоксикација на социјалните мрежи на 31 човек.

- Прекумерната употреба на социјалните мрежи може да значи различни работи за различни луѓе - вели Којн, додавајќи дека од клучно значење е да се постават реални цели за да се намали вообичаената употреба на социјалните мрежи.

За повторно воспоставување на патиштата за наградување на мозокот, Лембке препорачува да се воздржувате онолку долго колку што можете - идеално најмалку четири недели. Но, дури и кратките одмори се покажаа како ефикасни за подобрување на менталното здравје.

Истражувањето, во кое учествувале 65 девојчиња на возраст од 10 до 19 години, покажа дека тридневната пауза од социјалните мрежи ја подобрува нивната самодоверба.

Без разлика дали ќе одлучите да престанете да ги користите социјалните мрежи на неколку недели или да ја ограничите вашата секојдневна употреба на одредено време, веројатно ќе откриете дека првите неколку дена се најтешки, забележува Сара Вудруф, коавторка на истражувањето за детоксикација.

Желбата или анксиозноста се очекувани емоции додека мозокот се приспособува на намалување на нивото на допамин. На крајот, желбите ќе престанат и ќе биде полесно да се помине денот без постојани дози на допамин. До крајот на двонеделната детоксикација, каде што користењето на социјалните мрежи било ограничено на 30 минути дневно, повеќето учесници пријавиле значителни придобивки за менталното здравје, како што се поголемо задоволство од животот, намалено ниво на стрес и подобар сон во споредба со порано.

По периодот на детоксикација важно е да се постават граници за да се избегне повторното паѓање во компулсивно прекумерно користење на социјалните мрежи, вели Лембке.

- Препорачувам да создадеме физички или ментални бариери меѓу нас и социјалните мрежи, како на пример да не ги чуваме телефоните во спалната соба или да ги исклучуваме известувањата - вели таа.

Здравите извори на допамин обично доаѓаат со однапред вложена работа. Тоа се работи како свирење на инструмент или готвење. Кога се занимаваме со активности што го бараат нашето внимание, нашиот мозок ослободува допамин со текот на времето, одржувајќи ја рамнотежата под контрола.

Иако не можеме целосно да се ослободиме од социјалните мрежи, повремената пауза може да ни помогне да се „ресетираме“ и да процениме како ги користиме овие мрежи и како тие прават да се чувствуваме.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот