Почна сезоната на лалиња во Холандија, но одгледувачите оваа година уништуваат милиони цвеќиња на ден затоа што пандемијата на коронавирусот ја намали побарувачката.
Планини од лалиња, рози, хризантеми и други цвеќиња што ја имаат истата судбина минатата недела чекаа на најголемиот светски пазар на цвеќиња.
- Единственото решение е да ги уништиме - изјави Мишел ван Ши, портпарол на „Ројал Флора Холанд“, голема аукциска куќа за цвеќиња.
- Првпат го правиме ова.
Холандската аукција постои повеќе од сто години, а ова е првпат да сме во толку голема криза - изјави тој.
Фото: Screenshot/Youtube
Фото: Screenshot/Youtube
Од „Ројал Флора Холанд“ рекоа дека се уништени помеѓу 70 и 80 отсто од целокупното годишно производство на цвеќиња.
Ова е тежок удар за земјата во која лалињата се важен симбол на националниот идентитет, како ветерниците, сирењето и кломпите. Кризата со коронавирусот пристигна во најлошиот период од годината.
Затворањето на продавниците и бизнисите предизвикано од појавата на коронавирусот има драматични последици, рече Приска Клеин, директорка на Кралската асоцијација за производство на лалиња.
Фото: Screenshot/Youtube
Фото: Screenshot/Youtube
- Доаѓа Денот на мајката, а одгледувачите на лалиња почнаа да ги берат цвеќињата од јануари и тоа го прават до април-мај, така што станува збор за средината на сезоната кога треба да си ги заработат парите - изјави Клеин.
Со оглед на тоа што купувачите сакаат да купуваат намирници во големи количини, здружението соопшти дека ќе почне со кампања што ќе ги охрабрува клиентите да „купуваат цвеќиња, а не тоалетна хартија“.