X
 24.03.2022 Живот

Медицински комори бараат изземање на матичните лекари, стоматолози и на малите аптеки од Законот за заштита на лични податоци

Трите медицински комори бараат Законот за заштита на лични податоци да не се имплементира во приватните здравствени установи со мал број вработени, бидејќи обврските што произлегуваат создаваат дополнителни административни обврски и непотребно финансиско оптоварување.

Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора бараат Владата и Агенцијата за заштита на лични податоци да направат законски измени со кои од овие обврски ќе се изземат приватните здравствени установи со мал број вработени, односно матичните лекари, матичните стоматолози и аптеките со мал број вработени. Во соопштението до јавноста од Лекарската комора се вели дека заштитата на личните податоци на пациенти е регулирана и имплементирана како приоритет во работењето на здравствените установи, согласно строгите прописи што произлегуваат од Законот за здравствена заштита.

- Законот за заштита на лични податоци наметнува неразбирливи и сложени постапки и процедури за здравствените работници. Во здравствените установи со двајца вработени, доктор и медицинска сестра, или фармацевт и фармацевтски техничар, нема кој да биде обработувач на лични податоци, кој да е офицер за тајност на лични податоци, а кој контролор. Исто така, изготвувањето на сите интерни акти, процедури и одлуки, изработката на документацијата за технички и организациски мерки или криптирањето, за малите приватни здравствени установи е дополнителна обврски и голем ангажман за малиот број вработени - велат од Комората и бараат да се земе предвид дека оваа обврска се наметнува во време на пандемија кога здравствените работници се оптоварени со предизвикот да одговорат на зголемените потреби на пациентите поврзани со третман на вирусот.

- Докторите на медицина, фармацевтите и докторите по стоматологија имаат дадено Хипократова заклетва и работат согласно медицинската, фармацевтската и стоматолошката деонтологија и етика и заштитата на личните податоци на своите пациенти им е приоритет во работењето, а секоја дополнителна обврска само ги обременува здравствените работници и соработници и здравствените институции - велат од Лекарската комора на Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот