X
 24.05.2018 Наука

Започнува „ловењето“ на легендарното чудовиште од Лох Нес

Научниците со ДНК-анализа од примероци од водата во шкотскиот Лох Нес ќе се обидат да ја разјаснат долгогодишната легенда за постоењето на чудовиштето Неси.

Нил Џемел, научник од Нов Зеланд, наредниот месец ќе води тим од меѓународни истражувачи за спроведување на овие анализи.

Легендата за чудовиштето Неси е стара стотици години. Голем број туристи тврделе дека го виделе чудовиштето за кое веруваат дека живее во длабочините на мрачното езеро.

2
Фото: АР


Една од теоријата е дека Неси е „плесиосаурус со долг врат“, кој на некој начин го преживеал периодот кога диносаурусите изумреле, иако езерото Лох Нес било формирано многу подоцна. Другата теорија вели дека чудовиштето е еден вид голема есетра или сом, додека некои веруваат дека луѓето всушност гледале пловечки стебла или силни ветрови.

Џемел вели дека не верува во чудовиштето Неси, но сака да ги однесе луѓето на авантура и да им пренесе научни податоци. Тој додава дека неговите деца мислат дека ова е неговиот најинтересен подвиг. Според него, и водните суштества, како и сите други, оставаат трага онаму каде што живеат - делови од ДНК од кожата, урината и слично.

Тој рече дека неговиот тим ќе земе 300 примероци од водата од различни точки на езерото и различни длабочини, а од неа ќе извлече ДНК и ќе примени технологија што првично била дизајнирана за човечки геном.

Резултатите од ДНК-анализата ќе бидат споредени со база на податоци на познати видови. Очекува дека ќе има одговор до крајот на годината.

- Влегувам во ова верувајќи дека постои мала можност за постоење на чудовиштето, но сакам да ја тестирам хипотезата. Ќе добиеме многу добро истражување за биодиверзитетот на Лох Нес - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука