X
 24.05.2020 Колумни

Колумна, проф. д-р Емилија Црвенковска: Мисијата на св. Кирил и Методиј за еднаквост на народите и на јазиците

Почетоците на словенската писменост обединуваат една поширока територија. Првите преводи на богослужбените книги на словенски јазик настанале во областа на крајниот југ на словенскиот јазичен ареал, во Солунско

Пишува: д-р Емилија Црвенковска, професор по старословенски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ

По повод Денот на словенските просветители што се чествува на денешнава дата, се потсетуваме на важните придобивки од делото на словенските рамноапостоли св. Константин-Кирил и Методиј. Нивната мисија е од огромна важност за сиот словенски свет, а неспорни се и универзалните вредности на овој голем потфат.
Во познатата апологија на словенскта писменост „За буквите“, средновековниот автор Црноризец Храбар, современик на Кирил и Методиј, ќе напише: „...сам свети Константин наречен Кирил и буквите ги создаде и книгите ги преведе за малку години... затоа словенските книги се посвети и попочитувани, бидејќи свет маж ги создаде“.


Глаголица - првото писмо што го создал Константин Филозоф - Фото / Wikimedia Commons

Горниот цитат ја истакнува уникатната личност на основоположникот

на словенската писменост кој, за разлика од други народи кај кои повеќе автори работеле на создавањето на писмата и на библиските преводи, азбуката ја создал сам, а на преводите работел заедно со Методиј чијшто превод е Стариот Завет. По многу нешта мисијата на Константин-Кирил Филозоф е единствена. Ова е единствен случај на воведување писменост кај народ што претходно немал писмо (азбука), а истовремено создавање на комплетен превод на Светото Писмо на нов книжевен јазик.


Проф. д-р Емилија Црвенковска


Централен настан преку кој се развива дејноста на Кирил и Методиј е моравската мисија, започната во 863 година. Великоморавскиот кнез Ростислав се обратил до византискиот император Михаил Трети Палеолог со молба да му испрати учени луѓе што ќе можат да проповедаат христијанска вера на јазик разбирлив за словенското население. Дотогаш христијанството Словените го примале на несловенски јазик, преку проповедите на германските и римските свештеници. Во Моравија била испратена мисија на чело на која биле поставени браќата. Мисијата имала неколку цели: верска што се состоела во ширење на христијанството, културна цел за создавање писменост и преводи на богослужбените книги и дипломатска цел со која се стремело кон приближување на Византија кон Централна Европа и зближување со Словените. Неспорно е дека мисијата имала и хуманистичката димензија зашто претставувала и борба за рамноправност меѓу народите ијазиците. И самиот факт што во рамките на Византија било поттикнато создавање на нов книжевен јазик, зборува доволно за толерантноста на Империјата. Словените, всушност, биле една врска меѓу европскиот Исток и Запад.


Зографското евангелие / Фото: Wikipedia

Реализирајќи ги целите на мисијата, браќата Кирил и Методиј, славните солуњани од 9. век, стануваат централни личности во историјата на словенските народи. Кирил го создава првото словенско писмо - глаголицата, заедно со Методиј ги превеле основните христијански богослужбени книги од грчки на словенски јазик и преку преводите ги поставиле основите на првиот книжевен (писмен) јазик на Словените, старословенскиот. Со овој чин Словените се воведени во светската културна заедница, a во Европа, по латинската и византиската се јавува во тој период трета цивилизација, словенската. Старословенскиот се поставил заедно со грчкиот и латинскиот меѓу основните јазици на европското средновековие.

Писменоста

Писменоста предизвикува суштествени промени во јазикот и таа е неопходен услов за создавање на еден литературен јазик. И, по правило, првите пишани јазици се јазици на култот, на официјалната религија. Поимот писменост во културната историја означува збир од социјални и културни феномени поврзани со употребата на писмото. Писменоста како поим има две основни значења, едното е техничко, другото културолошко. Во техничка смисла укажува на определено ниво на способност на читање и/или пишување. Во културолошка смисла значи определено ниво на умешност за културни активности во коишто се користат читањето и пишувањето. Во културната историја поимот писменост добива и трето значење: означува збир од социјални и културни феномени поврзани со употребата на писмото. Во тој контекст се зборува и за словенска писменост, зашто во јазикот и писмото е сочувана културната историја на народите.

Писмото

Генијален изум на Константин-Кирил е создавањето на автентично писмо, првото словенско писмо, глаголицата, што одговарало на гласовниот систем на словенските македонски говори кои влегле во основа на старословенскиот јазик. Писмото е обединувачко, се темели на повеќе претходни, но претставува авторско дело на Кирил, кој, како искусен филолог, можел до детаљ да ги разликува сите гласови во овие говори и за сите да направи посебен знак. Употребата на глаголицата била пренесена во Моравија, а ова писмо како почит кон првоучителите и продолжување на традицијата, го користел и Климент Охридски, главниот продолжувач на кирилометодиевската дејност во Македонија, во Охридската книжевна школа. Потврда за тоа се најстарите сочувани глаголски текстови кои во најголем дел се настанати на територијата на Македонија, како Зографското, Мариинското, Асемановото евангелие, Синајскиот псалтир и Синајскиот евхологиј, сите настанати меѓу 10. и 11. век и други, пишувани со најстар тип на глаголско писмо, обла, охридска глаголица.
Јазикот

Марииното евангелие / Фото: Wikimedia

Старословенскиот јазик, е општ културен јазик на Словените. За овој јазик низ историјата се користеле различни именувања. Првите споменувања на овој јазик се под називот словенски јазик«z7yk slov5n6sk7, лат. lingua sclavinica, sclavina. Книгите се нарекуваат k7n"ig7y slov5n6sk7y, грч. τα σθλοβενικὰ γράμματα. Етнонимот за словенските племиња бил slov5nin7, slov5ne. Со почетоците на славистичката наука за најстариот книжевен јазик на Словените се користеле разни назив: словенски, старословенски, староцрковнословенски, црковнословенски, старомакедонски, старобугарски, општословенски книжевен јазик. Во други јазици: герм. Аltkirchenslavische Sprache, англ. Old Church Slavonic Language, фр. Vieux Slave, итал. Lingua Paleoslava.

Називот старословенски е погоден затоа што е најнеутрален, ја опфаќа и солунската и моравската фаза од развитокот, не укажува ни на народната основа, ниту на функцијата, па според тоа може да му се придава пошироко значење. Во јазикот што се нарекува старословенски постои и општословенска надградба во писмото, правописот, нормата, речникот, стручната терминологија, функционалните стилови, фразеологијата, синтаксичката структура и сл.

Појавата и еволуцијата на литературните јазици е резултат на осмислена творечка постапка. Таа дејност може да биде колективна, а во низа случаи и индивидуална како во случајот на создавање на старословенскиот јазик, процес во којшто клучната улога ја имаат две силни творечки личности, Кирил и Методиј. Со создавањето на словенската писменост во 9. век бил направен значаен продор на Словените во европскиот културен простор. Старословенскиот бил општословенски, наднационален книжевен јазик и служел како книжевен јазик кај сите словенски народи, макар на еден дел од нивниот народен простор и макар и во еден период од нивната историја.

Феноменот на старословенскиот литературен јазик се состои во тоа што од самиот почеток бил замислен и создаван како сакрален, богослужбен јазик, јазик за обраќање кон Бога, а и како општословенски јазик наменет за сите Словени (Толстой 1998: 32). Кирил, застапувајќи ја тезата за еднаквост на народите пред Бога, успеал на новосоздадениот јазик да му обезбеди рамноправно место меѓу богослужбените јазици, какви што претходно биле само хебрејскиот, латинскиот и грчкиот. Ова го постигнал за време на престојот во Рим каде што од папата Адријан Втори добил благослов за богослужба на старословенски.

Академик Ѓорги Поп-Атанасов детаљно ги анализирал ракописите пишувани на територијата на денешна Македонија

Во житието на Методиј пишува дека византискиот император, испраќајќи ги во мисијата им рекол дека тие можат најдобро да ја извршат задачата ,,бидејќи вие сте солуњани, а солуњаните сите чисто словенски зборуваат“. Врз основа на овие познавања создале јазик од јужнословенски тип, што го забележал уште Јозеф Добровски, за подоцна славистите Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак да ја пронајдат дијалектната подлога во говорите на македонското население од околината на Солун. Јагиќ проучувајќи го јазикот на најстарите пишани глаголски текстови, а Облак со своите дијалектолошки истражувања на терен, објавени во книгата Macedonishe Studien (Македонски студии), издадена 1896 година во Виена. Врз основа на овие истражувања во науката е прифатена македонската теорија според која старословенскиот јазик се темели врз југоисточните македонски говори од околината на Солун, препознатливи преку специфичните фонетски особености. Тоа е пред сѐ присуството на назалните вокали, потоа на редуцираните гласови, како и нивна замена со о и е (сон, ден) како во македонскиот јазик, а и врз основа на низа други јазични осбености.
Старословенскиот не бил разговорен јазик и неговиот лингвистички опис е можен само врз основа на корпус што се однесува на црковнословенските текстови (Кайперт 2017: 17). Според тоа ова е корпусен јазик, создаден во 9. век, а дојден до нас само во ограничен број подоцнежни, најмалку од еден век, преписи.

Преводите

Дејноста на светите браќа како придобивка за словенскиот свет, освен созадавaњето на првата словенска азбука и создавањето на првиот литературен јазик, го има и преводот на Библијата. Старословенскиот превод го зазема четвртото место меѓу европските полни библиски текстови, а постари се само грчкиот текст, латинскиот и готскиот превод. За потребите на моравската мисија бил преведен полниот библиски текст.

Значењето на мисијата во европски контекст

Почетоците на словенската писменост обединуваат една поширока територија. Првите преводи на богослужбените книги на словенски јазик настанале во областа на крајниот југ на словенскиот јазичен ареал, во Солунско. Веднаш потоа словенската писменост се пренесува во Централна Европа, во Велика Моравија, каде што словенските книги добиваат и западни белези – германизми, латинизми. Најстарата словенска писмена култура била отворена кон латинската и грчката пишана традиција и наследство. Така, словенската писменост претставува специфична комуникација меѓу европскиот Исток и Запад.

Кирил и Методиј / Фото: Wikimedia

Влегувањето на Словените во културниот круг на европските народи во времето (9. век) претставувало појава од европско значење (Мареш 1988: 71). Старословенскиот јазик, ако се остават настрана класичните јазици грчкиот и латинскиот, е четвртиот во полна смисла литературан јазик во Европа. Постари литературни јазици биле готскиот (4. век), англосаксонскиот (7. - 9. век) и старовисоконемскиот (8. век). Освен грчкиот и латинскиот, старословенскиот јазик низ долги векови бил единствен меѓу европските јазици во христијанското богослужење.

Св. Кирил и Методиј и двајцата нивни ученици св. Климент и св. Наум Охридски поради големите заслуги околу просветувањето на Словените биле канонизирани за светци набргу по нивната смрт. Не случајно денес за словенските првоучители, браќата Кирил и Методиј, се користат разни атрибути како првоучители, рамноапостоли, браќата што го изменија светот. Папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласи за созаштитници на Европа поради нивната мисионерска дејност преку која ги обединија Истокот и Западот на Европа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни