Венецуела лежи на најголемите резерви на нафта на планетата, но нејзината улога во глобалните енергетски пазари е многу помала отколку во изминатите децении.
Додека земји како САД и Саудиска Арабија доминираат во производството на нафта, производството на Венецуела опаѓаше во текот на последните неколку децении.
На визуализацијата подолу можете да видите споредба на докажани резерви на нафта во повеќе земји кои имаат големо производство. Резервите се волуменот на нафта што може економски да се произведе под моменталните услови.
Се проценува дека Венецуела има 303 милијарди барели докажани нафтени резерви, што е најмногу во светот и многу повеќе од оние на Саудиска Арабија. Овие резерви се околу 17 % од вкупните светски резерви.
Поголемиот дел од оваа нафта е сконцентрирана во појасот Ориноко, каде што депозитите се претежно тешка сурова нафта. Иако богата, ваквиот вид нафта е поскапа за производство и бара специјализирана инфраструктура.
Покрај доминацијата во однос на резервите, Венецуела во 2024 година беше на 21. место во производство, произведувајќи околу 960.000 барели дневно.
Во врвот на производството во 70-тите години, земјата испумпувала 3,5 милиони барели дневно, што во тоа време било повеќе од 7 отсто од глобалното производство. Сепак, производството нагло опадна во почетокот на 21 век и лани во просек изнесуваше 1,1 милион барели дневно, односно околу 1 отсто од глобалното производство.
Децениското лошо менаџирање, недоволното инвестирање и меѓународните санкции го придушија нафтениот сектор на Венецуела.
Иако некои западни фирми продолжуваат да оперираат во земјата, нивното присуство значително опадна по проширувањето на санкциите, а таргетиран беше и извозот.
Извор:
Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik