X
 08.12.2018 Наша тема

Зошто Охрид беше најпогодното место за св. Климент да ја основа најстарата школа

Кој бил Климент, од каде потекнувал, зошто неговото значење е толку големо за сиот словенски свет? Се претпоставува дека бил роден во 840 година...

Сесловенската писменост беше спасена во Македонија и од Охрид повторно изгреа сонцето што ќе го грее словенскиот свет повеќе од еден милениум. Со овие зборови проф. Цветан Грозданов, еден од најреномираните византолози на Балканот, најдобро опишува зошто денес целата земја го одбележува 8 Декември, Денот на св. Климент Охридски, патрон на Македонија.

1
Икона на св. Климент Охридски  Фото: Википедија

Во книгата „Плаошник, возобновената црква на св. Климент и Пантелејмон“, Грозданов, кој цел живот го истражуваше животот и делото на св. Климент, вели дека Светиклиментовата манастирска црква на Плаошник била вистинскиот извор на светлина.
- Во пролетта 886 година, св. Климент Охридски пристигна во Македонија, на брегот на Охридското Езеро, по многуте потреси што ги доживеа од Византија до Велика Моравија, Венеција и Рим, и тука го пронајде тивкото пристаниште. Во судбоносно време, по смртта на Кирил и Методиј, во Панонија почнал жесток прогон на нивните ученици, а опстанокот на сесловенската писменост и култура бил доведен во прашање - пишува Грозданов.

Плаошник уште во старохристиjанскиот период бил многу почитуван простор во Охрид.
Биографот на св. Климент, архиепископот Теофилакт, еден од најучените луѓе на 11 и 12 век, поклонувајќи се на неговото дело и моштите, напишал:

„Кога го почувствувал бремето на годините, самиот, со свои раце го подготвил гробот на десната страна на пронаосот. Археолошката наука водена од овие податоци го уточни местото на гробот, и тука се вратени моштите на местото каде што тој почивал од 916 година“, пишува Грозданов.

Посветениот ученик на Кирил и Методиј

Кој бил Климент, од каде потекнувал, зошто неговото значење е толку големо за сиот словенски свет? Се претпоставува дека бил роден во 840 година. Во неговото житие пишува дека го познавал животот на Методиј како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител. Има претпоставки дека пред Моравската мисија учествувал и во Хазарската мисија. Во Моравија им помагал на своите духовни отци и учители, светите Методиј и Кирил, во мисијата. Учествувал во подготовките за мисијата, односно во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело.

2
Охридско Езеро. Прибежиште по прогонот и мачеништвото во Моравија   Фото: Викимедија

По смртта на Методиј во 885 година, почнале деновите на прогон и мачеништво. Во Моравија се случиле трагични мигови за словенската богослужба и писменост. Таму тие претрпеле големи искушенија: останале „без храна и облекло“, трпеле измачувања, прогони, навреди, биле фрлани во затвори... Во 886 година Климент заминал за Кутмичевица.
„Во науката сè уште со сигурност не се знае каде се наоѓа оваа област, претпоставките се насочени кон тромеѓата меѓу Македонија, Албанија и Грција. Девол, Охрид и Главеница биле три населби во областа Кутмичевица. Тука тој го започнал најплодниот дел од својот живот“, пишува во неговото житие.
По доаѓањето во Охрид тој веднаш се зафатил со устројување на областа што му била доделена и достојно го продолжил делото на Кирил и Методиј. Повторно ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост. Свети Климент проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа, на која бил организатор и главен претставник. Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Тој седум години самостојно ја вршел црковно-просветната дејност, учителствувал и вредно работел на своето дело. Но за да го оствари сето она што го замислил, му била потребна помош. Неговиот брат Наум, кој дотогаш ја водел Преславката школа, му се придружил во Охрид во 893 година.

Борбата за глаголицата

Глаголицата била основна карактеристика на Охридската книжевна школа, според најстарите зачувани словенски ракописи од крајот на 10 и почетокот на 11 век, пишувани на глаголско писмо: Мариинско и Зографско евангелие, Синајски псалтир и Синајски евхологиј, Македонски листови, Асеманово евангелие и други што потекнуваат од оваа школа. Кога св. Климент станал прв словенски епископ, дефинитивно се оформила црковната организација со словенска хиерархија и богослужби на народен јазик. Со тоа целата мисија добила конечна форма и трајност.

crkva

Манастирите станале црковни и просветни центри. Реконструирана црквата „Св. Климент“ на Плаошник   Фото: Викимедија

- Манастирите на Климент и Наум биле црковни и просветни центри, наставата се вршела во нив, таму се давала основна писменост. Св. Климент ги учел своите ученици да пишуваат, да препишуваат и самостојно да создаваат дела. Во Охридската книжевна школа се подготвувале 3.500 ученици, кои подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература, составени според нормите на византиската поетика. Се дооформиле и комплетирале богослужбените книги, тоа што не можело да се доврши во Моравија. Благодарение на Охридската книжевна школа, глаголицата се задржала во употреба уште повеќе од два века - се раскажува во неговото житие.
Климент бил епископ 23 години. Се упокоил во 916 година.

Плоден автор кој оставил многу книжевни дела

Проф. Емилија Црвенковска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во нејзината студија „За територијата на Охридската книжевна школа“ пишува дека Охридската книжевна школа уште кога се формирала имала авторитет на значаен книжевен центар, поради личноста на нејзиниот основоположник Климент Охридски.

evangelie
Лист од Мариинското евангелие 10-11 век, напишано на глаголица   Фото: Википедија

- Несомнено најсилна фигура што директно го продолжува делото на Кирил и Методиј. Климент, покрај тоа што бил плоден автор и оставил низа книжевни дела, и самиот преведувал богослужбени книги. Познато е дека првиот словенски превод на цветниот, а веројатно и редактирањето на посниот триод, е негово дело. За да се поддржи словенската богослужба, било потребно да се создадат кадри од словенски духовници. Затоа Климент основа училишта во поголеми и помали средишта во областа и во нив подготвува ученици - пишува Црвенковска.
Според неа, Охридската книжевна школа се одликува со низа специфики. Пред сè, се изделила со својата конзервативност и директно продолжение на кирилометодиевската традиција, а тоа имало врска со личноста на нејзиниот основоположник - Климент Охридски.

- За авторитетот на Охридската книжевна школа зборува влијанието што таа го имала во Македонија и надвор од границите на Македонија. Ова влијание се одразило на правописен, на јазичен и на книжевностилски план. Правописните и јазичните норми на оваа школа не се единствени на македонски терен, но нивната доминантност во средновековната македонска писменост ја документираат и текстовите од други скрипториуми во кои, во различна мера, се присутни охридските норми - вели Црвенковска.

Секогаш со радост се враќал во Охрид

Климент Охридски колку и да бил далеку од Охрид, секогаш со радост се враќал во манастирот што самиот го изградил. Токму неговиот манастир станал стожерот на просветата и напредокот на македонските Словени, пишува во книгата „Средновековна Македонија: Култура и уметност“ од Елизабета Димитрова, Сашо Коруновски и Софија Грандаковска.

Светот тукушто ја поминал т.н. мрачна доба од 7 до 9 век и влегол во фаза на културен подем (9-11.век). Завршиле времињата на културна стагнација, дошол период на блескави достигнувања.
- За претворањето на мракот во светлина беа потребни луѓе со апостолски дух и визија за нивните дела да го носат универзалниот печат на сечовечките достигнувања. Мисионерската дејност на Кирил и Методиј и нивното епохално дело не би ја имале виталноста и не би ги достигнале денешните размери без нивните ученици, Климент и Наум - пишува во книгата.
5
Црквата „Св. Јован Канео“, изградена под Плаошник   Фото: Википедија

Изграден на доминантно зарамнета почва, наречена Плаошник, Климентовиот манастир доминирал со својата позиција на источниот крај од стариот дел на градот. Во овој дел од градот има остатоци од повеќе црковни објекти од ранохристијанскиот период, а две градби се импресивни со димензиите и начинот на изградба - ранохристијанската базилика и поликонхалната црква. Свети Климент Охридски тука го вгнездил својот манастир.

- Со последните археолошки ископувања на локалитетот Плаошник се разрешија дилемите околу изградбата на првобитната Светиклиментова црква. Треба да се отфрлат поранешните мислења дека Климент обновил постар триконхос што тука го пронашол во урнатини. Напротив, Климент од темел го изградил триконхосот како католикон за својот манастир. Со тоа јасно го насочил својот избор кон една продуховена форма на градба која не била толку фреквентна, но имала долги традиции во градежната историја - велат авторите на книгата.

Климент ја изградил како негова гробна црква, а тоа го пишува и во неговото житие - дека сам си го подготвил гробот на десната страна во предниот дел на пронаосот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема