X
 24.06.2018 Живот

Американците не знаат веќе каде да го испраќаат пластичниот отпад

Кинеската забрана за увоз на пластичен отпад ќе резултира со милиони тони несреден пластичен отпад. Забраната ќе ги принуди земјите како Америка да најдат нови начини за ослободување од сопствениот отпад.

Во декември минатата година Кина ги запре големите количини пластичен отпад, кој земјите како САД го испраќаа на нејзиниот брег за складирање. За да пресметаат како кинеската забрана ќе влијае на рециклирањето на светскиот отпад, научниците од Универзитетот во Џорџија ги разгледале податоците колку пластичен отпад бил увезен во Кина во периодот од 1988 до 2016 година. Според тоа, тие пресметале дека до 2030 година забраната ќе остави 111 милиони метрички тони пластичен отпад, кој нема каде да виде однесен.

Од 1988 година речиси половина од пластичните шишиња за еднократна употреба, пластичните кутии за храна и пластичните ќеси се однесени во Кина за од него да се произведат уште пластични производи. Минатогодишната забрана ги натера земјите како САД сами да се грижат за својот отпад. Американските медиуми веќе предупредуваат дека се собира многу отпад во депониите.

Најновата студија ги дава првите прогнози за последиците од кинеската забрана и ја истакнува потребата земјите кои традиционално го извезувале отпадот, да размислат како понатаму ќе раководат со истиот.

Земјите како САД во текот на последните три децении во Кина испратиле десет милиони тони пластичен отпад. Пластичниот отпад често е во лоша состојба кога ќе стаса до контејнерите, па ако не е покриен од вчерашниот ручек, тој е измешан со други материјали бидејќи многу земји бараат аедно да се рециклираат пластиката, стаклото и хартијата. Сортирањето и разбивањето на тој збркан и помешан отпад бара енергија, а таа енергија чини пари кои, како што вели авторката на студијата Ејми Брукс, земјите како САД не се подготвени да ги потрошат.

-Поевтино е да се фрли отпадот на брод и да се испрати во Кина, отколку да се занимаваат со него во Америка - вели Брукс.

По толку многу години, Кина донесе одлука да прекине со таа пракса и според некои експерти, тоа не треба да биде изненадување. Кинеската економија расте побрзо од која било друга. Бидејќи се подобрува квалитетот на животот, земјата одлучи да ги намали своите емисии, особено оние кои доаѓаат од преработката и уништувањето на пластиката. Забраната е дел од кинеските напори Кина да стане земја со помала загаденост. А што оваа забрана значи за остатокот од светот?

Од 1992 година Кина презела повеќе од 45 отсто од светскиот пластичен отпад. Само во 2016 година во Кина биле увезени седум милиони тони отпад, а на тоа треба да се додадат и 61 милион кои Кинезите сами ги направиле. На основа на тие трендови, до 2030 година, ќе се соберат 111 милиони метрички тони отпад. Ако веќе не завршуваат во Кина, каде ќе одат?

Фото: Pixabay

САД, Германија и Велика Британија ќе мораат да најдат други начини да се ослободат од отпадот. Едно решение е испраќање во локални депонии или палење, но двете опции имаат недостатоци - загадување на воздухот кое води до проблеми со дишењето и чешање на очите. Втората опција е испраќање на отпадот во други земји од југоисточна Азија, како Филипините или Виетнам. Но, и тие земји размислуваат за ограничувања како кинеското.

-Единствената и најдобра опција е избегнување на користењето на пластиката за еднократна употреба, особено сламките и чашите. Подобро да користиме шишенца и ќеси кои можат одново да се употребат за да може да се намали количината на отпадот. А тоа не е тешко или комплицирано. Знам дека луѓето не чувствуваат како да има разлика кога само тие го прават тоа, но кога милиони луѓе ќе почнат да го прават, апсолутно ќе има разлика - вели Брукс.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот