Како што стојат работите моментално, предвидувањата се дека во САД коронавирусот ќе убие околу 60.000 Американци во текот на следните 4 месеци. Но, ако властите реагирале и им порачале на луѓето физички да се дистанцираат само две недели порано отколку што го направија тоа, тогаш бројот би можел да биде помал за 90 проценти.
Такви се процените на епидемиолозите Брита Џуел од Империјал колеџ во Лондон и Николас Џуел од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кои истакнуваат дека само две дополнителни недели со наредби за седење дома и други препораки за самоизолација би можеле да спасат десетици илјади животи.
Дури и само една
дополнителна недела со одлучна акција на властите би ја довела очекуваната бројка на починати на 23.000 - што е намалување од 62 отсто.
- Колкава и да е конечната бројка на починати во САД, цената на чекањето ќе биде огромна. Трагична последица на експоненцијалното ширење на вирусот на почетокот на епидемијата - истакнуваат лекарите.
Тие не се единствените што го тврдат тоа. Ентони Фочи, челник на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, истакна дека е очигледно дека властите можеле да спасат животи ако дејствувале порано.
Епидемиолозите велат и дека луѓето што се во изолација треба да останат внимателни - прераното олабавување на мерките може да доведе до нов бран на пандемија.
- Важно е да се разбере дека изолациите не се решение за вирусот, но тие ни купуваат време за да можеме подобро да се подготвиме за идните бранови на инфекции и да развиеме лекови и вакцини - истакнуваат лекарите.
Во меѓувреме, гувернерот на
Њујорк, Ендрју Куомо, истакна дека ќе издаде извршна наредба со која од сите њујорчани ќе се бара да носат маска за покривање на устата и носот во случаи кога не се во можност да одржат социјално дистанцирање од два метра или помалку.
Беше најавен тридневен период за известување. Засега нема да има казни за неносење маски, но Куомо се надева дека њујорчаните ќе бидат внимателни.
Моментално Њујорк е сојузната држава со најмногу заразени со коронавирусот во САД, кои се на врвот на листата на светско ниво и по бројот на заразени и по бројот на починати.
Насловна фотографија: Pixabay