Каков студент бил детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, какво знаење може да стекнат студентите на Земјоделскиот факултет од Скопје, разговаравме на особено актуелната тема за епидемијата на морбилите во земјава, објавивме писмо на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, ја претставивме Тамара Георгиевска, добитничка на „Инженерски прстен“ од Техничко-металуршкиот факултет – ова се дел од темите што ги истражувавме минатата недела.
Факултетот ти дава една медицинска азбука, отпосле те чека учење и работа. Премногу слободно време неквалитетно искористено, студиските години ќе летнат брзо, одеднаш добивате лиценца и удирате во ѕид изграден од тули од незнаење, пред сѐ, практично, сподели врвниот детски кардиохирург Владимир Чадиковски во рубриката
„Кога бев студент“ што ја реализираме заедно со „Пивара Скопје“.
- По автоматизам завршив во група составена од првите 20 студенти што го положиле тестот, сите од скопската гимназија „Никола Карев“, само јас од медицинското. Тоа беше страшно квалитетна генерација, кој од кој подобар. Одиме да полагаме, сите положуваат со 9-10 – сите! И во другите групи имаше одлични студенти, цела генерација многу квалитетна, мислам дека денес ретко има толку квалитетни генерации. Здрава конкуренција! – се потсетува кардиохирургот.
Проф.д-р Зоран Поповски
Проф. д-р Зоран Поповски ни објасни како се открива ГМО во храна, како се изолира ДНК, но и како сето тоа може да се искористи за напредок во производството на храна. Дипломата стекната на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) ни е признаена, кадар знаеме да подготвиме, останува уште да им покажеме на младите луѓе дека ова што овде го учат значи просперитет, вели проф. д-р Зоран Поповски од оваа образовна установа во Скопје.
- Предизвикувачки е, интересно е. Перцепцијата кај младите луѓе е следна: „Не одам на Земјоделски, не сакам да копам“. И таа е погрешна. Нека повелат да видат какви лаборатории имаме и што сè испитуваме, како добиените податоци може да го променат животот на подобро. Не претерувам кога го велам ова. Нудиме можности и за иднина и за просперитет – вели професорот.
За да се постигне колективен имунитет кој ќе го штити населението од морбили, потребно е процентот на имунизирани лица да биде 93-95% од вкупната популација, вели
д-р Александар Јовановски, првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, денес на докторски студии на Програмата за експериментална медицина и терапија на Универзитетот во Торино, Италија.
Морбилите, меѓу народот попознати како ситна сипаница, не ја одминаа Македонија, ниту многу земји во светот. Нашата земја сè уште е во фаза на епидемија. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, од 1 до 6 јуни се пријавени 87 нови случаи на морбили. Од почетокот на епидемијата лани во декември, на територијата на нашата земја се регистрирани вкупно 1.821 пациент, со стапка на заболување од 88 на 100.000 жители.
Ѓорѓи Илиевски
Во врска со случаите на тројца функционери и стекнувањето научно-наставни звања на Државниот универзитет во Тетово, вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски испрати
писмо кое го објавивме во целина:
Сакам лично да ја запознаам македонската јавност (деновиве беше запознаена преку пишани и електронски медиуми и портали) за скандалот со унапредувањата во наставно-научни звања на високи јавни владини функционери чии работни места им биле во мирување додека извршувале јавни, односно државни функции, како што се актуелниот министер за образование и наука м-р Арбер Адеми од асистент во наставно-научно звање доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, унапреден од асистент во доцент и вонреден професор.
На 27 јуни тој изврши и
контролен инспекциски надзор на ДУТ. Раководството на овој универзитет изразило волја да соработува и откако инспекторот ќе го достави решението, ќе заседаваат органите на Универзитетот и ќе се види дали ќе донесат одлука за да се поништат звањата на посочените функционери.
Тамара Георгиевска
Неодамна професорите ѝ го врачија и признанието „Инженерски прстен“, а наградата заедно со другите најдобри дипломирани во инженерските дисциплини ќе ја добие наскоро од претседателот Стево Пендаровски. Доказ дека во земјава младите може да ги задржи само добра работа и одлични услови за напредок во кариерата е 24-годишната
Тамара Георгиевска. Таа дипломирала со просек 10 на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и е добитник на признанието „Инженерски прстен“. Била спремна да замине на работа и последипломски студии во Германија, но ја спречила понудата за работа во „Алкалоид“.
- Кога лани завршив со студиите, бев решена за магистратура во еден истражувачки центар во Германија, кој ми нудеше и работа. Претходно бев и на пракса таму и всушност мојот пат ми беше трасиран кон таа насока. Но, сѐ до лани, кога ми се отвори можноста за работа во „Алкалоид“. Останав поради добра работа, ми се појави шанса буквално од нула да почнам бидејќи во компанијата веруваа во мене. Тоа ме задржа, добра работа, волјата на компанијата да вложи во мене - вели Георгиевска.