X
 21.06.2020 Живот

Како ни заврши учебната година, како поминаа првите корона-уписи во средно, сме имале само една жена-ректор на УКИМ... Што пишувавме неделава

Ги следевме првите корона-уписи во средните училишта во земјава, кои поминаа во најдобар ред, без турканици и нервози, ја анализиравме и целата учебна година која ќе остане запаметена како една од најтешките, а ја најдовме Весна Бачева, која го истражува светот на нанотехнологијата во Израел... Ова се само дел од темите за кои пишувавме неделава.

Во својата редовна колумна професорката Елизабета Секирарска ги објасни главните проблеми со онлајн-наставата и секако сето она што ни го донесе коронавирусот, поради кој училиштата беа затворени.

Уште еден чин од воспитно-образовната сага заврши. Многу се пишуваше и зборуваше за корона-ужасот, кој трае веќе толку долго, што се чини бескрајно. Затоа во оваа пригода нема да пишувам за него и за она што го дефинираше комплетниот животен амбиент во последниве месеци - сѐ е кажано и ако се сака да се прифати онака како што треба и како што навистина е, сѐ е јасно. Толку многу јасно, што е нестварно. Затоа, сега од дистанца на даскал кој наназад ја гледа годината која тукушто финишира, ќе апострофирам неколку според мене важни аспекти кон кои искрено се надевам (а со кои, со оглед на реалните околности, ќе се соочуваме и наесен) ќе се фокусираат сите чинители, од кои секој со своја ролја е дел од сценариото кое во основа живот значи – напиша таа во колумната.

Елизабета Секирарска


Оваа недела почнаа уписите во средните училишта во земјава, а првпат и во новоформираната Математичко-информатичка гимназија во Скопје. Каде ќе се одвива наставата, на кој начин, колку ученици ќе го понесат епитетот „прва генерација“, ни објасни директорката Јулија Гајдаџиева. Таа ни изјави дека се планирани две паралелки со по 34 ученици, една на македонски, другата на албански наставен јазик.

 

Но, веднаш по уписите МОН преку ноќ го смени конкурсот и додаде уште една паралелка. Зошто го направи ова, одговор ни даде министерот Арбер Адеми.

Тестирање на учениците


- Како што лани ги смениле условите за запишување во средните училишта, така и годинава е изменет конкурсот за запишување во новата Математичко-информатичка гимназија, која треба да почне со работа од септември, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. МОН вчера го смени конкурсот, па наместо два, ќе бидат формирани три класа во првата генерација на новата гимназија.

Уписи во средните училишта


Без проблеми помина првиот ден за уписи во гимназиите и средните стручни училишта во земјава. Се почитуваше редот и пропишаниот протокол за влегување и запишување, немаше никаков застој, а директорите ни објаснија дека овој начин на запишување треба да се применува и во иднина. И нашиот фоторепортер забележа сè што се случуваше со уписите во неколку скопски училишта.


Има само 26 години, а веќе два меѓународни патента. Стипендистка е на светскиот гигант ИБМ (International Business Machines Corporation - IBM), кој ѝ понудил докторски студии на Израелскиот научен институт „Технион“. Дел е од тимот кој моментално работи напорно на адаптација на нивниот метод за детекција на Ковид-19.
Светот на Весна Бачева од Струмица е свет кој не може да се види со голо око. Предметите во овој свет се 1.000 пати помали од дебелината на едно влакно. Тоа е светот на нанотехнологијата. Скромна, љубезна и на возраст која се коси со нејзините научни достигнувања, Весна Бачева деновиве ги минува во живописната Хаифа. Ова е нејзината приказна.


Весна Бачева


- Мојата приказна е добар пример за тоа колку е важно основното образование за иднината на едно дете. Кога бев 4. одделение, мојата учителка Невенка Дончевска го препозна мојот талент за математика и ме спреми за регионален натпревар, каде што ја освоив првата награда. Ова беше почетокот на многуте натпревари на кои учествував до крајот на средното образование. Нејзината доверба во мене ми помогна да го согледам мојот талент и ме мотивира да работам на тоа. По математиката се запознав со физиката и уште тогаш знаев дека сакам да работам во тоа поле – ни раскажа Бачева.


Направивме и анализа за една од најтешките учебни години во Македонија.
Образованието не е тема со која во Македонија можеме да се пофалиме, за жал, веќе подолго време. Бледи обиди за реформи и недоволно инвестирање во образованието во сите негови нивоа резултира со позиционирање на нашата земја на сите светски листи по знаења и постигнувања поблиску до најлошите отколку до најдобрите. Учебната 2019/2020 дефинитивно беше година која многу ученици, родители, а и наставници би сакале да ја заборават. 



Учебната година почна со предупредувачки штрајк на наставниците, организиран од СОНК, и ако по утрото денот се познава, се покажа дека годинава нема да биде едноставна. Наставниците си ги побараа своите права – покачување на платите за 20 отсто, а не најавените 5. Не ги добија веднаш, туку на крајот од првото полугодие добија дури 10 отсто.


Во редовната рубрика „Дали знаете“, во која ви претставуваме интересни податоци за Македонија, откривме дека УКИМ во својата 70-годишна историја имал само една жена што го водела Универзитетот.

Деновиве се актуелни ректорските избори, а меѓу кандидатите немаше ниту една кандидатка за ректор. Тоа нè заинтригира во рубриката „Дали знаете“ да откриеме колку универзитетски професорки досега ја воделе најстарата високообразовна институција во Македонија. Поразителен е фактот дека само една жена го имала ова раководно место во историјата на универзитетот, тоа е проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.

Проф. д-р Радмила Кипријанова



Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) како наставно-образовна и научноистражувачка институција, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), 61 година активно продуцира кадри за стопанскиот развој на државата, но воедно успешно учествува во меѓународниот истражувачки простор. По повод јубилејот на факултетот, разговаравме со проф. д-р Емилија Фиданчевски, в.д. декан на факултетот.

Таа ни објасни што го прави овој факултет посебен, какви се можностите за работа по дипломирањето и каква настава им нуди на студентите.


Проф. д-р Емилија Фиданчевски со најдобрите студенти на ТМФ


Направивме и анализа на тоа во кои средни училишта имаше најголем интерес за упис. 
Годинава уписите во средните училишта ги одбележаа протоколите поради пандемијата од Ковид-19. Наместо во два, уписите беа распределени во четири дена во училиштата каде секоја година има голем наплив на ученици. Распределени во саатници, по азбучен ред, предавањето на документите помина без вообичаениот метеж. Многумина коментираа дека овој модел на пријавување треба да се задржи и по завршувањето на епидемијата.



Дел од протоколот во „Јосип Броз-Тито“ во Скопје / Фото: Борче Поповски

Општиот впечаток е дека интересот за стручното образование е зголемено во однос на лани. Како и претходните години, и годинава најголем беше интересот за гимназиско образование и за медицина. Годинава вкупно 19.297 ученици ќе се запишат во средните училишта во Македонија. Има 35.919 слободни места - 25.447 за стручно образование и 10.064 за гимназиско и 408 за уметничко образование.
Годинава уписите во средните училишта ги одбележаа протоколите поради пандемијата од Ковид-19. Наместо во два, уписите беа распределени во четири дена во училиштата каде што секоја година има голем наплив на ученици. Со определено време и по азбучен ред, предавањето на документите помина без вообичаениот метеж. Многумина коментираа дека овој модел на пријавување треба да се задржи и по завршувањето на епидемијата.

Општиот впечаток е дека интересот за стручното образование е зголемен во споредба со лани. Како и претходните години, и годинава најголем беше интересот за гимназиско образование и за медицина. Годинава вкупно 19.297 ученици ќе се запишат во средните училишта во Македонија. Има 35.919 слободни места - 25.447 за стручно образование, 10.064 за гимназиско и 408 за уметничко образование.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот