X
 24.07.2018 Наша тема

Кој ќе се јунак изнајде образованието да ни го оправи?

Недостига визија за конкретните цели и резултати што би требало да се постигнат во образовниот процес. Треба да се размислува какви знаења и вештини би требало да стекнат учениците во одреден образовен циклус, па да се ревидираат наставните програми и добро да се обучат наставниците

Не паметиме една најавена реформа да ја почнал и да ја завршил еден министер за образование. Тоа е доказ колку во оваа земја се цени образованието. Затоа и младите ни бегаат – велат наставници по најавите на МОН дека најверојатно нема да има никакви промени во основното образование во новата учебна година.
Иако на големо се најавуваа промени пред половина година, кога министер беше Рената Дескоска, новиот министер Арбер Адеми истакна дека сака да биде внимателен во сите чекори и инсистира сите промени во образованието да влезат во новиот Закон за основно образование, кој сѐ уште не е готов.


Какви знаења и вештини треба да стекнат учениците

Иако најголемиот број чинители на различни начини вклучени во образовниот систем се свесни дека обрaзованието во Македонија има потреба од ургентни и радикални промени, на прв поглед се добива впечаток дека во моментов не е приоритетно прашање, вели професорката Сузана Черепналковска од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје. Таа досега работела на проекти поврзани со нашето образование и има јасна слика за ситуацијата.

- Најголемиот проблем на нашето образование не се сомнителните учебници, ниту преоптовареноста на наставниците со административна работа, малите плати, лошите услови за работа, туку недостигот на визија за конкретните цели и резултати што би требало да се постигнат во образовниот процес. Значи, би требало да се размислува какви знаења и вештини би требало да стекнат учениците за време на одреден образовен циклус, потоа да се ревидираат или изготват соодветни наставни програми и добро да се обучат наставниците за соодветно да ги пренесат или да ги водат учениците кон остварување на соодветната цел. Но, сето тоа бара човечки и материјални ресурси, пред сѐ, луѓе кои посветено ќе работат на реформите, кои имаат знаење и свежи идеи, но и посовремена визија за образованието – вели професорката по македонски јазик.

Денешните велесили во образованието не биле отсекогаш тоа. Од Естонија, Финска, Сингапур и редица други денес сите можеме да учиме. Овие земји ги согледале недостатоците на сопствените образовни системи и им било јасно дека подобрувањето на образованието значи и повисок економски раст, смета Черепналковска.

Сузана Черепналковска

- Имале знаење и визија што, како и зошто би сакале да го реформираат сопствениот образовен систем. Потоа, систематски и сеопфатно ги менувале и наставните програми и наставните методи. Вложувале и во едукацијата на наставниците и во условите за работа, како и во финансиската поддршка на училиштата и зголемување на примањата на наставниците. За жал, тоа кај нас не е случај – вели таа.

Образованието ни е застарено

Нови грешки не ни требаат и сите ги чувствуваме негативните последици од претходни законски решенија. Таа смета дека иако законите за основно и за средно образование се важни, сепак, може да се менуваат работи и во рамките на постојните решенија.

- Поважно е прашањето дали луѓето што одлучуваат за образовните политики се свесни дека нашето образование е застарено, преоптоварено со непотребни содржини и несоодветно за 21 век. Дали се свесни дека образованието е темел за идниот раст и развој на македонското општество, дека ситуацијата во образованието е еден од факторите што младите ги принудува да заминат од Македонија. Се работи за комплексен проблем. Се чини дека нешто се работи, но на реални подобрувања сѐ уште се чека – вели Черепналковска.

Многу политика

Премногу политика во образованието доведе до песимизам кај наставниците. Драган Јанкоски, наставник од Крушево, не верува дека нешто може да се смени на подобро.
- Образованието не може да ни стане приоритет затоа што политиката е премногу застапена во самото образование. Всушност, и самите знаете дека секогаш се одлучува кој ќе го води нашето Министерство според партиски договор, а не според професионалноста на луѓето што ги избираат – вели тој.

Не сме свесни колку ни е важно образованието, смета наставничка од Велес со 36-годишно искуство.

- Главниот проблем лежи во тоа што народот е сиромав, бизнисмените ги држат работниците на плати од 200 евра, никој во ништо не верува и младите си заминуваат. И никој не се грижи за иднината и што ќе донесе лошото образование. Работам во едно од најголемите училишта во земјава, кое е преполовено, децата сѐ повеќе си заминуваат. Иако сум пушач, не можам да разберам како тоа му дадоа приоритет на Законот за пушењето и го донесоа преку ноќ, а за ваква суштинска работа ќе треба уште многу да се чека – категорична е одделенската наставничка.


Таа посочува на важен проблем во образованието, а тоа е недоследноста, односно кога се почнува еден проект што дал резултати, треба да се продолжи.

- Го работевме проектот „Чекор по чекор“, кој даде многу добри резултати. Прекрасни деца излегоа од тие две генерации. И наставниците што бевме вклучени апелиравме да продолжи проектот, ама немаше кој да нѐ чуе. Редици такви проекти со добри резултати ги прекинуваа без поголемо објаснување. И, главен проблем е што многу често се менуваат министрите. Тоа се рефлектира и на нас, затоа што пак така се менуваат и директорите и никој не продолжува каде што застанал другиот. Лани го посетив Брисел и успеав да влезам во едно училиште. Бев импресиониран колку сѐ функционираше тивко и едноставно, во училници без врати. Некогаш и ние работевме така, ама ни ги затворија вратите – вели наставничката пред пензија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема