X
 24.07.2020 Технологија

Одложено лансирањето на најзначајниот вселенски телескоп по „Хабл“

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА ќе биде лансиран на 31 октомври 2021 година, откако агенцијата минатиот месец потврди дека лансирањето закажано за март 2021 година повеќе не е опција поради тековната пандемија и други технички предизвици.

НАСА ја објави одлуката заснована врз неодамна завршената процена на ризикот, претставувајќи ги влијанијата од пандемијата и техничките предизвици.

Тестирањето на опсерваторијата продолжува да се одвива добро во компанијата „Нортроп Груман“, главен индустриски партнер, и покрај предизвиците на ситуацијата со коронавирусот. Како фактори за новиот датум на лансирање се наведени влијанијата на зголемените безбедносни мерки на претпазливост, намалениот персонал и техничките предизвици. Оваа година ќе биде завршен и финалниот сет на комплексни тестови за животната средина.

- „Џејмс Веб“ е проект без преседан во вселенската наука, што бара најголема генијалност и во научните и во техничките домени, во силно меѓународно партнерство. Напредокот на науката овозможен од „Веб“ ќе го револуционизира нашето разбирање за универзумот - вели професор Гинтер Хасинџер, директор на наука на Европската вселенска агенција.

Опсерваторијата ќе ја открие светлината од првата генерација на ѕвезди и галаксии што се формирале во раниот универзум и ќе ги проучува атмосферите на егзопланети погодни за живот.

teleskop
Фото: Screenshot/YouTube

Телескопот ќе има два клучни научни инструменти  - спектографот „НИРСпек“ и „МИРИ“ - среден инфрацрвен инструмент.

На патувањето во вселената „Џејмс Веб“ ќе биде првата мисија што ќе комплетира сложена и технички предизвикувачка серија на распоредувања. „Веб“ ќе го oтвори својот петслоен штитник од Сонцето што е со големина колку тениско игралиште, а потоа ќе го распореди неговото огледало од 6,5 метри што ќе ја открие слабата светлина на далечните ѕвезди и галаксии.

„Џејмс Веб“ ќе биде следната голема опсерваторија за вселенска наука, изградена на успехот на уште еден голем меѓународен подвиг - вселенскиот телескоп „Хабл“, за да ги реши тајните на Сончевиот Систем, да истражува далечни светови околу другите ѕвезди и да го открие потеклото на нашиот универзум.

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е меѓународен проект предводен од НАСА со своите партнери, Европската вселенска агенција и Канадската вселенска агенција.

Извор: Тunisiesoir.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија