Нова фабрика за рециклирање, која е во изградба во Англија, користи технологии кои можат да разложат секаков вид пластичен полимер на неговите составни елементи за рециклирање.
Според „Форбс“, сер Дејвид Атенборо се појави во видео заедно со другите натуралисти и сопствениците на новата фабрика што користи прегреана пареа за да ги уништи хемиските врски што ги држат мономерите заедно.
Во сопственост на „Мура технолоџи“, процесот е познат како „HydroPRS“ и тој е посебен поради неговата способност да ги разградува видовите пластика што обично се наменети за депонии или согорување. Технологијата дури и може да отстрани биолошки материјал, како остатоци од храна што се држат до пластиката, аспект што понекогаш може да го спречи рециклирањето на пластиката.
Она што останува се масло и хемикалии подготвени повторно да им се продадат на производителите за да направат нови производи.
- Она што е толку трагично во врска со загадувањето со пластиката е дека е тотално непотребно. Пластиката во нашите океани никогаш не требаше да го најде патот дотаму - вели
Атенборо во видеото, објавено од компанијата за рециклирање „Мура технолоџи“.
Загадувањето со пластика е огромен проблем и постојат паметни технологии за рециклирање и биоразградување на пластиката. Пластиката се вади од реките и океаните со сè поинтелигентни дизајни и посветени организации. Сепак, се чини дека проблемот се влошува за океаните, бидејќи поголем дел од земјите во развој влегуваат во голем просперитет.
„Мура технолоџи“ вели дека материјалите произведени за време на нивниот процес на рециклирање може да се користат повторно и повторно, без никогаш да станат хемиски нестабилни, и затоа не е изненадувачки што британската влада го поддржува проектот. Фабриката во Тесида, Англија, достигнува до 1.000.000 тони рециклирана пластика годишно.
- Владата е посветена и на намалување на неприфатливиот пластичен отпад што му штети на нашата животна средина и на осигурување дека повеќе материјали може да се користат повторно наместо да се фрлаат. Инвестирајќи во овие неверојатни технологии, ќе помогнеме уште повеќе да ги придвижиме овие напори и со нетрпение очекувам да ги видам како се развиваат и како даваат реални резултати - вели Ребека Пау, државна секретарка на Обединетото Кралство за Одделот за животна средина, храна и рурални работи.
Фото: Screenshot/YouTube