X
 24.08.2017 Здравје

Научниците тврдат – најздрава храна е онаа што ја бара телото

Замислете ја следнава ситуација: пристигнувате дома гладни после долг, напорен работен ден, го отворате фрижидерот и чувствувате дека ви се јаде торта. Со тешко срце се присилувате наместо нездрав, калоричен оброк, да земете здрав крекер со семки. Конечно можете да здивнете – научниците тврдат дека никој не може да одлучи што е здраво за вас, освен вие самите.

Во случаи кога јадеме нешто што всушност не ни се јаде, се создава чувство на ситост, но не и на задоволство. Науката вели дека апсорбирањето на хранливите материи во значителна мера зависи од степенот на уживање во консумираната храна.

Кога сте на диета и се храните „здраво“, без вкус, еднолично, експертите велат дека тогаш всушност се храните понездраво во споредба кога ќе уживате во храната што ја консумирате. Едно истражување од 1977 година, на кое сите очигледно заборавиле, докажа дека многу повеќе хранливи материи се апсорбираат од храна во која вистински уживаме.

Истражувањето обработувало податоци врз база на две групи испитаници. Првата група ја сочинувале жени од Тајланд, а втората – Швеѓанки. И двете групи се хранеле со јужноазиска храна, омилена на Тајланѓанките, а прилично непосакувана кај жените од Шведска. Резултатите покажале дека жените од Тајланд апсорбирале речиси 50 проценти повеќе хранливи материи во споредба со Швеѓанките, што резултирало со подобра исхрана и здравствени бенефиции од самиот оброк.

Одлучни во намерата да проверат дали навистина задоволството, а не биолошките разлики, има влијание врз нутритивната разлика, истражувачите го измениле изгледот на оброкот – состојките ги сомлеле во пире. Тогаш жените од Тајланд сметале дека храната е невкусна и кога го консумирале оброкот, иако бил подготвен од истите состојки како претходниот, апсорбирале 70 проценти помалку железо во споредба со првиот пат. Тие јаделе ист оброк, но не уживале во него.

Човечкиот мозок е моќна машина. Голем дел од системот за варење храна се контролира со сигналите што тој ги испраќа. Кога јадете храна што ви се допаѓа, мозокот праќа сигнали за добро варење на истата.

Се подразбира, ако јадете крофни кои ги обожувате секој ден за појадок, ручек и вечера, во еден момент крофните ќе ви здосадат. Можеби ќе почнете да копнеете по зеленчук, колку и неверојатно да ви звучи тоа.

Вашето тело е паметно – често го бара она што му треба. Сигурно ви се случило цел ден да јадете мали порции здрава храна и да внимавате на тоа, а потоа навечер наеднаш да чувствувате потреба за сладолед. Мозокот најверојатно добивал продолжени сигнали за глад и затоа праќа нов сигнал да се јаде нешто слатко и калорично.

Кога некои нагони се исклучуваат, а некои се форсираат, доаѓа до неволја. Тоа го нарушува природниот тек на работите – создава чувство на вина, фрустрација и доведува до тоа да јадеме големи количини храна која не ни се допаѓа. А со самото тоа апсорбираме помалку хранливи материи.

Поуката што може да се извлече од ова истражување би била – јадете го она што ви се допаѓа, тогаш кога чувствувате потреба за тоа и приспособете се на своето тело.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје