X
 23.02.2022 Здравје

Ефект ноцебо - кога мислите влијаат врз исходот од лекувањето

Ноцебо е другата страна на ефектот плацебо. Овој ефект се јавува кога личноста сугестивно верува дека некој лек или активност ќе ѝ ја влоши здравствената состојба. Според некои истражувања, поголемиот дел од несаканите реакции по вакцинацијата против ковид-19 би можеле да бидат последица на овој ефект.

Ефектот ноцебо како феномен е доживување несакани симптоми без вистинска причина. Овој ефект бил откриен во 1961 година од страна на Валтер П. Кенеди.

Самиот чин на земање таблети или примање инјекција може да предизвика несакани ефекти. Според истражувањата, постојат луѓе кои се жалат на негативни појави иако примиле лек што е добар за нив. Некои истражувања велат дека пациентите што го имаат овој ефект за време на тестирање лекови понекогаш изјавуваат дека имаат негативни симптоми без оглед дали примиле вистински лек или плацебо.


Фото: Pixabay

Доктор Фабрицио Бенедети, професор по неврологија на Универзитетот во Турин, вели дека негативните реакции на вистинскиот лек може да бидат последица на силното уверување дека по примањето на некој лек може да се очекуваат негативни симптоми.

Неодамнешно истражување за овој ефект на вакцините против ковид-19 ги потврдува овие претпоставки. Авторите сметаат дека околу 76 отсто од несаканите ефекти по вакцинацијата се последица на ефектот ноцебо. Симптомите како главоболка или умор, како што се смета, не се последица на самата вакцина, туку очекувањата од вакцинирањето. Со други зборови, доколку очекувате негативен исход, тој ќе се појави, вели Бенедети.

Овој ефект е предизвикан од психолошки и невробиолошки причини, според експертите. Тој може да биде последица на претходно искуство во здравствениот систем и степенот на доверба во експертизата. Лицата со претходно лошо искуство и депресивните и анксиозните лица се посклони на ефектот.


Фото: Pixabay

Некои истражувања предлагаат ускратување на информациите за несаканите ефекти бидејќи тоа може и да го намали ефектот, но оваа практика има етички проблеми и повеќето експерти се против оваа практика.

Истражувањата покажале и дека лековите што се поскапи може да го зголемат ефектот ноцебо. Во еден експеримент учесниците пријавиле повеќе несакани ефекти на крем за кожа во поскапа амбалажа отколку на истиот крем во обичен сад.

Сепак, довербата во експертите е клучна. Пациентите што имаат доверба во лекарите и експертите веруваат и во ефикасноста и безбедноста на вакцините. Се посочува дека е поголема веројатноста граѓаните да им веруваат на експертите отколку на политичарите кои го повторуваат значењето на вакцините.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје