Познавањето јазици и книжевност или дипломата не е гаранција за добивање добар и стручен преведувач. Некој може одлично да ги познава и изворниот и целниот јазик, но, сепак, да не знае да преведува. Преводот е специфична работа, дисциплина за која се потребни широки познавања од двете култури, онаа од која се преведува и домашната, онаа на која се пренесува книжевното дело.
Прашањето за лошите книжевни преводи е едно од вечните прашања во оваа професија, а за да се даде одговор, прво мора да се разјасни што е превод, каква е задачата на преведувачот и колкава слобода има тој при преведувањето на текстот. Не секогаш добиваме лоши и неупотребливи преводи само од непрофесионални луѓе, туку и од афирмирани преведувачи, присутни на јавната сцена. При преводот на текст од еден на друг јазик важно е да се зачуваат стилот, атмосферата, тонот, звучноста, духот на оригиналот текст, така што многумина сметаат дека добриот преведувач всушност е невидлив. Неговата креативност, пак, се гледа во способноста за употреба на дијалекти, игри со зборови, идиоми, алузии, изнаоѓање зборови што на вистински начин ќе ги пренесат нијансите на значењето.
Издавачите често само се обидуваат да преживеат на пазарот, па не водат грижа за тоа да обезбедат квалитетни преводи од докажани преведувачи, кои би чинеле поскапо, туку ангажираат непрофесионалци, кои се случува и да рециклираат стари преводи, па дури и да се потпишуваат со имагинарни имиња.
Елена Конеска од издавачката куќа „Антолог“ смета дека преводот е многу битен, можеби и најбитен сегмент во трансферот на книжевното дело од една културна средина во друга.
- Преведувачот, како што би рекол најистакнатиот професор по преведување кај нас - Драги Михајловски, мора да знае дека е на половина пат помеѓу народен пејач и научник. Преведувачот има огромна одговорност кон делото што го преведува или создава, па слободно може да кажеме дека преведувачот го пресоздава делото. Доброто преведување е креативна работа, исто како создавањето уметничко дело. Со преведување не само што носиме врвни дела од светската книжевност на македонски јазик, туку истовремено ја збогатуваме и нашата македонска книжевност со нови идеи, поими и концепти. А ние сме држава со помал јазичен систем и секако дека книжевната продукција многу зависи од преводот - вели Конеска.
Елена Конеска
- За преведувачот добро да си ја заврши задачата, треба да се издигне над „секојдневниот“ познавач на јазикот од кој преведува и истовремено исклучително добро да ги познава книжевноста и книжевниот јазик на кој преведува. Компетенциите на преведувачот мора да се на високо ниво, знаењата богати за да може да се стави во улогата на автор или „втор автор“, како што обично се вели, но по потреба да се дистанцира доволно за да може да го пренесе концептот што го преведува на целниот јазик. Затоа велиме дека предзнаењата на преведувачот треба да се на ниво на текстот што го преведува - продолжува Конеска.
- Оригиналното дело е едно, а преводот е друго дело, кое продолжува да си го живее својот живот откако ќе го завршите со речиси никакви можности за корекција понатаму. Затоа слободата што навидум ја има книжевниот преведувач најчесто е нож со две сечила, лизгав терен по кој треба да се помине и да се остане на нозе - додава Конеска.
Според неа, ако едно дело е добро преведено, сите ќе го пофалат авторот, ама ако е лошо, тогаш никој нема да го обвини авторот, туку сите ќе викаат по преведувачот.
- Ете колку е одговорна улогата на преведувачот и колкав е неговиот придонес за книжевното дело. Познавањето јазици и книжевност или дипломата не е гаранција за добивање добар и стручен преведувач. Некој може одлично да ги познава и изворниот и целниот јазик, но, сепак, да не знае да преведува. Преводот е специфична работа, дисциплина за која се потребни широки познавања од двете култури, онаа од која се преведува и домашната, онаа на која се пренесува книжевното дело. Кога зборуваме за проблемот зошто имаме (сè повеќе) лоши преводи, проблемот е комплексен, така што и вината треба да се бара на повеќе места. За создавање квалитетно преведено книжевно дело, треба да се создаде добар спој меѓу делото и преведувачот што е избран да го преведува, тоа е првата алка, а во заднина на оваа двојка треба да стои добар уредник и уште подобар издавач. Овие четири елементи се неопходни за да имате квалитетен производ. И тоа се обидовме да го споиме на најдобар начин во проектот „Europe is brave new wor(l)ds“ - објаснува Конеска.
Покрај квалитетниот превод што е примарен за овој производ, да не заборавиме дека делото го чинат и лектурата како завршен финиш на јазикот, редакциското и техничко-графичкото уредување на текстот. А за сето тоа да биде на место, покрај првичниот пар автор-преведувач, треба да има и квалитетен издавач.
- Ако сакаме да зборуваме за хиперпродукцијата на брзо консумирана литература, таа секако се врзува со брза продукција со цел брза заработка. Таа брзина секако многу често е на штета на квалитетниот производ што се очекува. Впрочем, како и во секоја индустрија, така и во издаваштвото. Хиперпродукцијата и брзината му штетат на квалитетот. Во тоа огромно море од испечатени книги се среќава сѐ и сешто: импровизации, многу чести грешки и отстапки од македонскиот книжевен јазик, пропусти на цели реченици, погрешна транскрипција. Секако, тука одговорноста се бара на повеќе места: лошо избрани преведувачи и лектори, куси рокови, недоволно се обрнува внимание на повторните читања и препрочитувања на текстот, или премалку вклучени лица или нестручни уредници во реализацијата на изданието. Секако, пропусти секогаш имало и ќе има, но треба внимателно да се работи за да се избегнуваат и да не се повторуваат - велат од „Антолог“.
За тоа каква е позицијата на книжевните преведувачи во Македонија, Конеска укажува дека најдобра адреса за ова прашање се самите преведувачи.
- Речиси никој не живее само од преведување книжевност. Тоа е случај кај нас, како и во светот. Поточно, ретки се оние што си го вадат лебот исклучиво од книжевна продукција. Како и со пишувањето, преведувањето речиси по правило е дополнителна дејност, преведуваш книжевност зашто си вљубеник во книжевноста и добро владееш со некои јазици, а заработката не ти е примарна за да се зафатиш со оваа работа. Со добро одмерување на тежината на работата, времето потребно да се сработи и трошоците, обично преведувачот треба да е соодветно платен за работата. Но, ако пак квалитетниот и признат производ ти е примарен, тогаш преведувачот многу спечалува од добро сработената работа, а тоа не се брои секогаш во пари. Ама, кога ќе ги земеме далекосежните последици од лошо изработениот превод за кој зборувавме, штетата е поголема. Тука трпат читателот, јазикот, преведувачот, издавачот и самата книжевност - посочува Конеска.
Ненад Стевовиќ
Според Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-или“, во Македонија во последниве години е енормно зголемена книжевната продукција за која смета дека ја нема потребната логистика: доволен број добри преведувачи, уредници, лектори...
- Тоа резултира со многу слаб квалитет на книжевниот производ: лоши преводи, површна лектура (честопати само формално е потпишан лектор), за уредничко читање и да не зборуваме. Во инсистирањето на издавачите книгата што поскоро да излезе на пазарот, и оние поквалификувани преведувачи и лектори се наоѓаат во многу незавидна ситуација. Трагично е што овие појави најчесто поминуваат незабележано и непрепознаено кај широката читателска публика, што значи дека учествуваме во создавањето на неедуцирани читатели - заклучува Стевовиќ.
фото (насловна): Unsplash