Американскиот сценарист Дејвид Хопкинс во 2016 година на шега рече дека серијата го започнала падот на западната цивилизација, а сега тоа навистина го мисли.
Поради оваа реченица, неговиот есеј за телевизиската серија го прочитале повеќе од 4 милиони луѓе, откако во март 2016 година бил објавен на веб-страницата „Медиум“.
Сега кога се одбележуваат 25 години од премиерното прикажување на првата епизода од серијата „Пријатели“, текстот не може, а да не се спомене.
- Да, го напишав текстот и тој намерно беше бомбастичен. Но, она што се случуваше во „Пријатели“ го најавуваше она што доаѓаше - вели тој за Би-би-си.
Секоја епизода од „Пријатели“ во просек била гледана од 25 милиони луѓе, а серијата се емитуваше 10 години.
- Вие можеби ја гледате како комедија, но јас не можам да се смеам со вас. За мене, „Пријатели“ го означува масовното ширење на антиинтелектуализмот во Америка. Еден интелигентен човек беше исмејуван од неговите идиотски сонародници - вели Хопкинс.
Со овие зборови тој ги опиша сцените во кои другите пет главни ликови во серијата се смееја на интелигенцијата на Рос.
Хопкинс е уверен дека токму тоа исмејување доведе до „смрт на стручноста“, феномен што се поврзува со подемот на Доналд Трамп и неговата победа на американските претседателски избори, како и со успехот на движењето Брегзит во Велика Британија.
Заедничка им е склоноста кон отфрлање на некои општоприфатени знаења. Ова е забележано во именувањето советници од страна на Трамп со малку работно искуство или без никакво работно искуство, како и неговото сомневање во научните докази за климатските промени.
Хопкинс тврди дека ова го открил додека без престан ги гледал епизодите во 2015 година, кога сите десет сезони од серијата станаа достапни на „Нетфликс“.
- Тогаш ми текна. Исмејување на експертот и величање на идиотското однесување - вели тој.
- Наскоро ние, Американците, ќе престанеме да гласаме за политичките кандидати врз основа на нивните квалификации. Наместо тоа, критериумите ќе ни бидат со кого сакаме да се напиеме пиво. Тоа е страшно - додава Хопкинс.
Сепак, дали е фер да се обвинува серијата што заврши во 2004 година, повеќе од 10 години пред Трамп воопшто да се кандидира за претседател?
Фото: Getty Images
- Секако дека и пред тоа бубалиците редовно беа заклучувани во шкафчињата во училиштата. Но, мораме да се сетиме колку „Пријатели“ стана голема серија. Стана сеприсутна. Сите ја гледаа и постојано добиваа порака дека Рос е иритантен затоа што е интелектуалец. Не верувам дека голем број нови родители им го дале на децата името Рос откако почна да се емитува серијата - објаснува Хопкинс.
Се чини дека е во право - барем кога станува збор за Велика Британија каде што серијата сè уште е популарна. Името Рос беше рангирано на 68. место во 1996 година, а падна на 720. место во 2016 година.
Во јуни 2016 година Брајал Лаури, медиумски критичар од Си-ен-ен, ја истакна улогата на „Пријатели“ додека зборуваше за растечката популарност на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Зошто? Кога серијата официјално заврши на 6 мај 2004 година, еден продуцент на телевизиската мрежа Ен-би-си одлучил да го отстапи нејзиниот термин за серијата „Изборот на Доналд Трамп“, реалити-програма што почнала да се прикажува во јануари истата година и чиј водител бил Трамп. Во новата програмска шема оваа програма станала седма најгледана на американската телевизија. Гледаноста паднала наредната сезона.
- Сепак, крајот на серијата „Пријатели“ имаше индиректна улога во тоа милиони гледачи да го гледаат Трамп како успешен и одлучен лидер - напишал Брајан Лаури.
- Ако актерите продолжеа со снимањето, шоуто на Трамп можеби немаше да стане толку популарно - додава тој.
Кога пред три години бил прашан извршниот директор на Ен-би-си, Пол Телгеди, дали Трамп ќе успеел да стане кандидат на републиканците без „Изборот на Доналд Трамп“, тој рекол: - Секако дека не.
Хопкинс верува дека 2004 година била на некој начин пресвртна точка во ширењето на негативниот став кон интелектуалците.
Тоа беше година во која „Фејсбук“ почна со работа, а „Американски идол“ стана најгледаното шоу во САД, осма година по ред. Таа година почнале и поинтензивните бунтови против окупацијата на Ирак што голем број експерти ги доведуваа во прашање.
- На доделувањето на наградите „Греми“ во 2004 година, наградата за најдобар рок-албум ја доби групата „Грин деј“ за албумот „Американски идиот“. Тоа беше иронично затоа што членовите на групата главно го критикуваа она што се случува. Во 2004 година кренавме раце и ја прифативме глупавоста како вредност - вели Хопкинс.
Според него, „Пријатели“ никогаш не ги напушти малите екрани. Дури и пред да стигне на „Нетфликс“, серијата беше достапна во различни формати.
Тој тврди дека не е случајно што и две серии кои се наоѓаат меѓу најпопуларните серии од 2004 година, „Бубалици“ и „Како ја запознав вашата мајка“, на сличен начин ја исмеваат интелигенцијата.
- Погледнете ја „Бубалици“: исклучително интелигентни луѓе се прикажани како друштвено неспособни единки, извор на постојани шеги. А што се однесува до серијата „Како ја запознав вашата мајка“, ликот на Тед Мозби практично е Рос за помладата публика - додава Хопкинс.
„Пријатели“ со години беше критикувана и поради други работи, најмногу поради недостигот на етничка разноликост меѓу актерската екипа во серијата чие дејство е во Њујорк - град каде што белците се 33 отсто од населението, според пописот од 2010 година.
Серија беше критикувана и од ЛГБТ заедницата и заради исмејувањето на дебелината на еден од главните ликови (сестрата на Рос, Моника).
Хопкинс смета дека исмејувањето на Рос направило поголема штета затоа што не беше целосно директно.
- Не беше лошо.
Исмејувањето не се спроведуваше на очигледен начин. Сепак, пријателите на Рос го исмејуваа кога и да покажеше интелигенција. Постојано се прашував зошто и понатаму се дружи со нив. Тоа почнува да загрижува кога ќе се осврнете на серијата и нејзината постојана популарност. Луѓето гледаат и денес дека поважна стана симпатичноста на една личност отколку неговата стручност, па дури и кога станува збор за оние кои се кандидираат за претседател - завршува Хопкинс.