X
 30.10.2018 Образование

Во Србија: Кој ќе навреди соученик - оди во друго училиште

Со Правилникот против дискриминација меѓу учениците на српското министерство за просвета се предвидуваат остри казни. Правилникот забранува и исмејување на другите ученици, нивните родители и вработените во училиштето врз основа на националноста, омаловажување и нарекување со погрдни имиња на припадниците на одредени групи. Тука се вклучуваат и игнорирањето и избегнувањето, но и кажувањето навредливи и неумесни шеги, пеење навредливи и песни за припадници на одредени групи, испраќање понижувачки пораки преку СМС или социјалните мрежи.

Психолозите, пак, велат дека прописите не го решаваат проблемот и дека децата мора сами да градат односи.

Поплавата од прописи со кои се регулира однесувањето на децата ги усложнува нештата. Се случува проблемите што и не се големи да избијат во прв план, а некои други значајни да бидат потиснати. Треба да се разликува што е дискриминација, а што не е.

Тоа го истакнува Бранка Тишма, училиштен психолог, по повод новиот правилник за отстранување на дискриминацијата од српските училишта, кој, меѓу другото, предвидува дека родителите на роденденот на детето ќе мора да го повикаат целото одделение за ниедно дете да не биде дискриминирано.

Тишма истакнува дека е важно децата да се учат сами да ги градат односите меѓу себе, да се дружат и да се почитуваат.

- Не можете да натерате некого да се дружи ако двете страни не изградиле меѓусебен другарски и човечки однос. Секогаш ги одбираме оние што ни се блиски. Мораме да градиме односи со децата, а тие со своите врсници. Поплавата од норми не помага - истакнува таа.

А Министерството предвидува и казни.

- Воспитно-дисциплинска мерка може да биде: укор за директорот или за наставничкиот совет, преместување на ученикот во друго основно училиште или исклучување на ученикот од средното училиште. Ова се крајни мерки што можат да се донесат ако се преземени сите потребни активности во установата и во соработка со другите установи и ако се процени дека тоа е во најдобар интерес на ученикот. Воспитно-дисциплинската постапка може да се покрене само доколку до повреда на забраната дошло во училиштето, меѓутоа, училиштето во сите други ситуации има обврска за спроведување зајакната воспитна работа со задолжително вклучување на родителите и по потреба, известување на другите институции - истакнуваат од министерството.

Со Правилникот е регулирано и однесувањето на родителите, па така тие не смеат со своето однесување во установата да поттикнуваат, помагаат, предизвикуваат и на кој било начин да придонесуваат за дискриминација и навредување на угледот, честа или достоинството на личноста. Во случај кога родителот дискриминира, одговорноста се утврдува пред повереник или во судска постапка. Директорот има обврска да преземе мерки и за вработениот, родителот и третото лице, во случај на дискриминација, како и да им го пријави случајот на надлежните органи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование