X
 24.09.2024 Живот

Ова се европските земји што се најевтини за студирање

Европските земји се познати по квалитетното образование, богатата култура и врвна технологија, но тие често се најскапите дестинации за студирање во странство, особено за студенти од земји кои не се членки на ЕУ. Како најповолни се издвоени Германија, Словенија, Грција, Естонија, Полска и Португалија.

Милиони студенти секоја година избираат да го продолжат високото образование во странство, а пристапноста постојано се покажува како еден од основните фактори што влијаат врз нивниот избор.

Веб-страницата „Educations.com“ направи листа со најевтините земји за студирање во Европа.

Како што е наведено, врз изборот влијаеле пет важни фактори: школарина за граѓаните на ЕУ/ЕЕА и Швајцарија, школарина за студенти од земји кои не се членки на ЕУ/ЕЕА; трошоци за живеење (сместување, храна, превоз); достапност на стипендии, заеми и студии финансирани од државата; севкупниот квалитет на меѓународното студентско искуство.

Нагласено е дека станува збор за просек и дека студирањето во Европа може да чини повеќе или помалку во зависност од начинот на живот, а моментот на среќа е исто така доста значаен (т.е. можноста да најдете прифатливо сместување или добра студентска работа). Затоа се препорачува да ги истражите земјата, градот и универзитетот каде што би сакале да студирате пред да донесете конечна одлука.

Германија

Од богата култура и историја до светски познати универзитети, постојат многу причини зошто Германија е чест избор на студентите. Исто така, постојат многу причини зошто Германија е првата препорака на листата со најевтини земји за студирање во Европа.

Во Германија повеќето јавни универзитети се целосно бесплатни, освен малиот надоместок за студентски синдикат, кој покрива универзитетски услуги и транспорт. Потоа, меѓународната студентска заедница во Германија е доста голема, така што има многу програми кои целосно се изведуваат на англиски јазик, а повеќето германски универзитети организираат и јазични курсеви за оние што сакаат да вложат време и енергија во изучувањето на германскиот јазик.

Германија нуди многу стипендии и можности за вработување. Граѓаните на Германија и на ЕУ, како и странците во одредени случаи, имаат пристап до Федералната програма за финансиска помош за студенти, која нуди многу стипендии и заеми без камата.

Студентите од ЕУ, ЕЕА и Швајцарија можат да работат до 20 часа неделно за време на нивните студии, додека студентите надвор од овој регион можат да работат до 120 работни дена годишно.

Проценетите трошоци за живот на студентите се од 800 до 1.000 евра.

Словенија

Странските студенти што сакаат да студираат во Словенија ќе добијат одлично образование по цена многу пониска од поголемиот дел од Европа. Школарина не плаќаат словенечките граѓани, државјаните на ЕУ/ЕЕА/Швајцарците, како и граѓаните на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Други плаќаат, но помалку отколку во повеќето европски земји, а за покривање на овие трошоци, има многу можности за стипендии кои се наменети за странски студенти. Истовремено, најголема заштеда е на трошоците за живот, кои овде се значително пониски отколку во повеќето земји на листата. Словенија е за 20 до 50 отсто поевтина од Германија. Се проценува дека месечните трошоци за студент во Словенија се од 400 до 700 евра.

Странските студенти во Словенија можат да најдат работа со скратено работно време или привремена работа преку студентски услуги, центри за кариера на одделни универзитети или директно кај работодавците. Во просек, можете да очекувате заработка помеѓу 350 и 500 евра месечно работејќи во Словенија.

studenti
Фото: Freepik

Грција

Со своите прекрасни плажи, топлото време и вкусната медитеранска храна, како и со својата долга историја и традиција на висококвалитетно образование, Грција е популарен избор за многу странски студенти.

На грчките универзитети нема школарина за студенти од ЕУ/ЕЕА/Швајцарија, а оние што плаќаат школарина во просек плаќаат од 1.500 до 3.000 евра годишно. Грција нуди многу програми на англиски јазик, а достапни се и курсеви за грчки јазик за оние што сакаат целосно меѓународно искуство.

Исто така, меѓународните студенти можат да работат до 20 часа неделно во текот на семестарот или до 40 часа во текот на летото. Просечната плата е помеѓу 500 и 700 евра месечно во зависност од градот и работното место, а постојат и можности за стипендии.

Проценетите трошоци за живот на студентите се од 450 до 750 евра месечно.

Естонија

Естонија полека се искачува во листата со земји што обезбедуваат квалитетно образование за странски студенти. Сите програми што се спроведуваат на естонски се бесплатни, без оглед на националноста, а школарината за програмите на англиски јазик се релативно прифатливи - од 1.600 евра до 7.500 евра годишно, со многу можности за стипендии и заеми кои ќе помогнат во ублажувањето на трошоците.

Исто така, Естонија е одличен избор за студенти кои сакаат да градат кариера во технолошката индустрија бидејќи земјата е позната по својот прагматичен пристап кон развојот на технологијата и силниот екосистем за стартување. Често се нарекува „административен рај“ бидејќи речиси секоја бирократска задача може да се заврши со неколку клика.

Трошоците за живот се прилично ниски во споредба со остатокот од Европа (800- 1.000 евра), а освен тоа, на странските студенти не им требаат дополнителни работни дозволи додека студираат таму и можат да работат на неодредено време.

Полска


Студентите што студираат на полски јазик не плаќаат школарина без оглед на националноста, што е одлично за студентите кои бараат уникатно меѓународно искуство. Исто така, повеќето докторски програми се бесплатни. Програмите на англиски јазик, пак, може да чинат неколку илјади евра годишно, во зависност од универзитетот (2.000-5.000 евра годишно). Достапни се многу можности за стипендии и заеми за да им се помогне на меѓународните студенти и студентите на размена да ги платат своите студии.

Сепак, школарината се компензира со она што ќе го заштедите на трошоците за живот бидејќи цените во Полска се едни од најниските во Европа, особено во споредба со остатокот од ЕУ. Во просек, ќе ви требаат помеѓу 300 и 700 евра месечно, што ја прави една од најевтините земји за студирање во Европа.

Студентите во Полска можат да работат до 20 часа неделно додека посетуваат настава или полно работно време во текот на трите месеци од летниот распуст.

Португалија


Освен што е најдобра земја за пензионери, Португалија е одлична дестинација за студирање во странство за студенти со буџет, со одличен квалитет на образование и топла култура, сето тоа по разумна цена.

Школарината во Португалија е од 550 до 3.000 евра за државјани на ЕУ/ЕЕА, и 3.000-7.000 евра за студенти од земји кои не се членки на ЕУ. Сепак, некои приватни универзитети воопшто не наплаќаат школарина во зависност од оценките на студентот.

На државјаните на земји кои не се членки на ЕУ/ЕЕА/Швајцарија што студираат во Португалија со студентска виза им е дозволено да работат до 20 часа неделно за време на нивните студии и полни 40 часа во текот на летото.

Постојат многу јавни и приватни стипендии достапни за меѓународни студенти кои сакаат да студираат во Португалија.

Трошоците за живот се од 500 до 800 евра месечно.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот