X
 27.03.2022 Образование

Како би изгледало студирањето доколку се прашуваат припадниците на генерацијата З?

Припадниците на генерацијата З, кои се нарекувани и зумери, се родени помеѓу 1997 и 2012 година. Големо истражување дава појасна слика за тоа какви се припадниците на оваа генерација.

Во истражувањето учествувале над 2,3 милиона луѓе на возраст од 20 и 30 години од 187 земји низ светот. Според истражувањето, ова е генерација која ги прифаќа новите технологии побргу од претходните генерации. Тие се поврзани со врсници од други делови од светот, што руши штетни стереотипи и општествени норми кои биле наметнати претходно.

Тие зборуваат за своето ментално здравје јавно и затоа помагаат во борбата против стигматизацијата на лицата со проблеми со менталното здравје. Тие се и најобразована генерација во историјата, иако се соочуваат со проблеми како невработеност, долгови и сиромаштија. Резултатите од истражувањето откриле и какви промени би сакале да видат припадниците на оваа генерација во поглед на студирањето.

Модернизирање на студиските програми

Според зумерите, треба да ги оставиме зад нас застарените програми, неприменливите теории и она што никогаш нема да биде потребно во практика. Според нив, студиските програми треба постојано да се освежуваат.

Бараат кариера со цел

Припадниците на оваа генерација не се заинтересирани за работи што немаат смисла, туку бараат кариери со кои ќе направат промени во светот. Ги интересира општествено корисното и одржливо работење, а студиските програми треба да ја отсликаат оваа промена.


Фото: Pixabay

Повеќе содржини онлајн

Да се прашуваат зумерите, факултетите би биле подигитализирани отколку што се. Онлајн предавањата го забрзуваат овој процес, но тие промени не треба да бидат привремени и факултетите треба да нудат повеќе опции за онлајн работа.

Факултетот треба да го зборува „нивниот јазик“

Освен што треба да бидат дигитализирани, факултетите треба да го приспособат начинот на комуникација со очекувањата на зумерите. Тие треба да бидат присутни на социјалните мрежи и да комуницираат јасно и едноставно.

Факултетите треба да се грижат повеќе за студентите

Студентите не треба да бидат само број. Зумерите сакаат да студираат на факултети на кои им се пристапува индивидуално и кои се грижат за нив. Факултетите треба да имаат служби кои ќе им помагаат на студентите во обврските, барањето работа, но и соочување со стресот. Припадниците на оваа генерација сакаат и служба која ќе се грижи за нивното ментално здравје на факултетот.

Извор: Srednja
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование