По само неколку дена од легализацијата на марихуаната, Канада има сериозен проблем - ѝ ги снемува резервите. Легалните продавници едвај успеваат да ги задоволат потребите на пазарот, а некои мораа и да ги затворат продавниците и да стават знак на вратите дека сè е распродадено.
Стотици луѓе со часови чекаа во редици на 17 октомври за да си купат марихуана бидејќи тогаш Канада стана втората земја во светот што го легализира рекреативното користење на канабисот. Освен во Канада, марихуаната е легална и во Уругвај. Марихуаната за медицински потреби е легализирана уште во 2001 година, а владата на Џастин Трудо во последните две години работеше на целосна легализација.
Канаѓаните веќе неколку дена сосема легално можат да поседуваат околу 30 грама марихуана, а домаќинствата смеат да одгледуваат до четири билки за лични потреби. Според канадскиот државен завод за статистика, околу 5,4 милиони жители на оваа земја годинава ќе купат марихуана во легалните продавници. Тоа е околу 15 отсто од вкупното население на Канада.
Недостигот на марихуана, всушност, не е некое изненадување. „Ролинг стоун“ неодамна пренесе дека трговците што нарачале марихуана од поголемите снабдувачи не ја добиле целата количина за која големите трговци тврделе дека ја имаат како резерва. Локалните произведувачи на марихуана исто така не можат да ги задоволат потребите на пазарот, со оглед на тоа дека тие во првата година од легализацијата можат да произведат само 60 отсто од својот вкупен
капацитет.