Брајан Меј, гитаристот на групата „Квин“, и тапанарот Роџер Тејлор зборуваа за можноста за холограмско шоу во стилот на „AББА војаж“.
Во разговор за „Биг ишју“, Меј и Тејлор зборуваа за шансите за виртуелно „повторно обединување“ на оригиналниот состав на „Квин“, со починатиот Фреди Меркјури и басистот Џон Дикин, кој се повлече во 1997 година.
- Фреди сè уште е жив преку музиката што постојано ја слушаме. На некој начин, Џон сè уште е со нас, но сега имаме многу повеќе можности - изјави Меј и ги спореди нивните неодамнешни настапи во живо со тоа што може да се постигне преку холограми.
- На нашите концерти одамна ја изведувам „Love of My Life“. На крајот Фреди се појавува и ми се придружува како на видео. Тоа е едноставно направено, но е начин Фреди да биде дел од настапот. Мислам дека можеме да го однесеме тоа многу подалеку. Ми се допаѓа идејата да бидеме повторно оригиналниот бенд „Квин“ - додава Меј.
Тапанарот Тејлор открива дека иако уживал во шоуто „АББА војаж“, се соочил со измешани чувства.
- Мислам дека проекциите сами по себе не беа доволно убедливи. Сега технологијата е многу понапредна отколку кога започна шоуто на АББА и мислам дека може повеќе да се направи - вели тој.
Минатата година кружеа шпекулации дека се работи на холограмско шоу на „Квин“ откако организацијата „Меркури сонгс лимитед“, која ги поседува соло делата на починатиот фронтмен Фреди Меркјури, поднела барање за заштита на неговиот прекар Фреди за виртуелна реалност и 3Д. Меј тогаш бил неодлучен за идејата.
- Гледавме холограми на Фреди, но сакаме да бидеме живи и опасни, тоа е нашиот фокус. Кога веќе нема да сме тука, направете АББА варијанта за нас, но додека сме овде сакам да свирам во живо - изјави Меј.
Извор:
Telegraf.rs
Фото: Screenshot/YouTube