X
 24.12.2021 Технологија

„Боинг“ и „Ербас“ бараат од САД да ја одложат 5Г-мрежата

Шефовите на водечките светски производители на авиони испратија заедничко писмо до американските власти во кое бараат да го одложат воведувањето на телекомуникациската мрежа на новата генерација - 5Г.

Американскиот „Боинг“ и европскиот „Ербас“ жестоко се натпреваруваат во производството на авиони, но овој пат се согласија за еден проблем - можноста телекомуникациските мрежи од следната генерација 5Г да влијаат врз безбедноста на авионите. Поради оваа причина, шефовите на овие компании, извршниот директор на „Боинг“, Дејв Калхун, и извршниот директор на „Ербас Америкас“, Џефри Кнител, испратија заедничко писмо до администрацијата на Бајден. Примател на писмото бил Пит Бутиџиг, министер за транспорт.

Можни пречки


Во ова писмо посочуваат дека лансирањето на мрежата 5Г во опсегот C (фреквентен опсег помеѓу 3,7 и 4,2 GHz), планирано за 5 јануари следната година, може да ја загрози безбедноста на авионите. Според нив, можното мешање на 5Г-мрежата во овој опсег со чувствителни авионски инструменти, пред сѐ, со радарски височини, може да има значително негативно влијание врз целата воздухопловна индустрија.

Со нив се согласува и американската агенција за воздухопловство ФАА, која претходно овој месец предупреди за можноста од споменатите пречки. Тие се во постојани преговори со телекомуникациската агенција ФЦЦ, со која бараат начин да ја прошират достапноста на 5Г-мрежите на безбеден начин.

За да се реши овој проблем, американските телекомуникациски оператори AT&T и „Верзон“ минатиот месец се согласија да го одложат лансирањето на новата 5Г-мрежа до јануари следната година. Ова може да им даде доволно време на регулаторите да преземат мерки за да спречат несакани пречки.

Сепак, претставниците на воздухопловната индустрија сега велат дека не е доволно направено во овој поглед и предлагаат 5Г-сигналите во спектарот C да бидат ограничени во близина на аеродромите и другите критични места.
Претходно и „Јунајтед ерлајнс“ ја поддржа иницијативата, наведувајќи дека воведувањето на 5Г-мрежите, како што предложија операторите, ќе спречи употреба на радарски височини на околу 40 најголеми американски аеродроми.

Здружението на пилоти, исто така, верува дека застојот во преговорите меѓу воздухопловните и телекомуникациските регулатори претставува проблем за патниците, превозниците и економијата на САД.

Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија