Пиењето вода е клучен фактор за одржување добро здравје. Водата ја зголемува енергијата на телото, го подобрува варењето на храната, го забрзува метаболизмот, помага при ослободување на токсините…Честопати кога станува збор за здравјето, се поставува прашањето која вода за пиење има подобар квалитет – водата од чешма или таа во шишиња што се продава на пазарот и повеќе години е тренд во светот.
Во врска со присуството на микропластика во храна, воздух, вода во шишиња, вода од чешма, во отпадни води…, Светската здравствена организација неодамна објави студија во која наведува дека нема доволно докази да се донесе заклучок дека таа претставува ризик за здравјето на луѓето, но предупредува дека треба да се направат дополнителни истражувања за да се донесе конечен заклучок.
- Ризикот од микропластиката е далеку понизок од веќе утврдениот ризик кој го носи високата концентрација и различните патогени во отпадоците од луѓе и животни во изворите на вода за пиење - стои во студијата.
Сепак, од СЗО препорачуваат да се спроведат повеќе студии за микропластика, да се развијат нови начини за нејзино отстранување од водата за пиење и да се воспостават стандардни методи за мерење на нејзиното присуство во водата.
Не постои, како што се посочува, универзална дефиниција за микропластика, но генерално тоа се сите парчиња со пречник помал од пет милиметри. Во својот прв ваков извештај СЗО заклучува дека поголемите честички поминуваат низ телото без да бидат апсорбирани. Сепак, од СЗО наведуваат дека тоа е засновано на ограничен број информации и неопходно е пообемно истражување.
Европската Унија, пак, ги обврза сите земји-членки да го подобрат пристапот кон питка вода, пред сè на јавните места и подобро да ги информираат граѓаните за квалитетот на водата од чешма, бидејќи тоа е во интерес на јавното здравје и заштитата на околината.
Според многумина, новата директива на Европската комисија донесена минатата година за подобрување на квалитетот на водата за пиење и подобро информирање на граѓаните може сериозно да ја наруши индустријата за вода во шишиња, на чија популаризација се работеше со децении. Тоа не го крие ниту Европската комисија, која во образложението на оваа директива јасно кажува дека намалувањето на потрошувачката на вода во шишиња може да доведе до заштеда за потрошувачите од речиси 600 милиони евра годишно. Како што се наведува, литар вода од водовод во земјите-членки на ЕУ чини речиси 20 центи, што е поевтино од водата во шишиња.
Фото: Pixabay
Кога станува збор за водата во шишиња која се продава на пазарот во државава и за контролите што се вршат, од Агенцијата за храна и ветеринарство посочија дека за да се пласира на пазарот, секоја вода во шишиња треба да помине процес на одобрување, што подразбира исполнување на барањата согласно Правилникот за начинот на издавање одобрение, потребната документација и висината на трошоците во постапката за издавање одобрение за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода.
Потенцираа дека согласно годишниот план, официјални контроли и инспекциски надзор на објектите за производство на сите видови води (минерални, изворски, друга пакувана вода и вода за пиење од водоснабдувачки објекти) биле извршени пред неколку месеци. Сите минерални води, изворски води и друга пакувана вода, кои се пласираат на пазарот во државава, нагласуваат од АХВ, се одобрени согласно постапки наведени во нивните правилници.
- Секој прехранбен производ кој се пласира на пазарите во државава треба да биде безбеден, за што се одговорни бизнис-операторите со храна. Минералната, изворската вода и другите пакувани води како секој друг прехранбен производ се пласираат безбедни, а треба да се чуваат соодветно и да се ракува со неа така што да не предизвикаат состојби кои би влијаеле врз нивната безбедност. Безбедноста на водата за пиење се следи согласно Правилник за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, кој се применува од производителите на водата за пиење. Водата од скопскиот водовод е една од трите најквалитетни води во Европа - истакнуваат од Агенцијата.
И од Институтот за јавно здравје посочуваат дека водата во шишиња која се продава на пазарот во државава и таа од водоводниот систем, се безбедни за пиење.
- Редовно се испитува водата од водоводниот систем, како и водата во шишиња. Секогаш како јавно здравство препорачуваме да се пие вода од чешма затоа што е евтина и пристапна за секого. Едноставно тука нема дискриминација, таа редовно се контролира од Институтот за јавно здравје и секогаш е безбедна за пиење. И водата во шишиња подлежи на контроли, пред пакување и по пакување пред продажба. И сирова ја контролираме и пакувана. Сите резултати се добри - вели проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.
Во врска со последната студија на СЗО, тој нагласува дека треба повеќе сознанија да произлезат, таков е и ставот на СЗО, но во водата за пиење сосем малку има микропластика и тоа не претставува ризик за здравјето на луѓето.
И покрај ставовите на СЗО, ЕУ и дел од експертите и надлежните институции во државава кои се занимаваат со оваа проблематика на граѓаните им преостанува сами да одлучат дали ќе продолжат да ја пијат водата од чешма или ќе ја купуваат таа што се продава во шишиња.
Извор: МИА