Излегува дека сè уште има нови возбудливи откритија кои треба да се направат во полето на човечката анатомија: истражувачите го потврдија постоењето на слој од мускул во човечката вилица.
Овој нов мускул е подлабок, трет дел од масетеричниот мускул. Тоа е најистакнатиот мускул на вилицата: притиснете ја раката на задниот дел од вилицата додека џвакате и ќе почувствувате како се движи.
Типично претставен како да има само два слоја, постоеле сомневања врз основа на студии на животни дека постои нешто повеќе во неговата структура. Сепак, досега, обидите да се опише што е тоа беа контрадикторни и збунувачки.
Преку анализа на повеќе од дваесет човечки глави - вклучително и еден жив субјект и 12 глави зачувани во формалдехид - е утврдено дека масетеричниот мускул навистина има три различни дела, а не два.
- Овој длабок дел од масетеричниот мускул јасно се разликува од двата други слоја во однос на неговиот тек и функција - вели Силвија Мезеј од Катедрата за биомедицина на Универзитетот во Базел во Швајцарија.
Масетеричниот мускул има површен (S), длабок (D) и подлабок слој (C = короноид)
Името „Musculus masseter pars coronidea“ е предложеното име за новиот мускулен слој од страна на истражувачите, бидејќи се прицврстува на мускулниот (короноиден) процес на долната вилица - мандибулата.
Начинот на кој се распоредени мускулните влакна во „Musculus masseter pars coronidea“ посочува дека новооткриениот дел од анатомијата игра важна улога во одржувањето на долната вилица стабилна. Седи повисоко наспроти вилицата и поблиску до неа од другите два слоја, а исто така е и помал по големина.
Додека овој трет дел повремено се дискутираше како можност порано, овде тимот го бараше конкретно и беше во можност да го идентификува како посебен ентитет. Претходните студии беа неконзистентни во нивните набљудувања и заклучоци.
- Со оглед на овие контрадикторни описи, сакавме повторно сеопфатно да ја испитаме структурата на масетеричниот мускул - вели Јенс Кристоф Турп од Универзитетскиот центар за дентална медицина на Универзитетот во Базел.
Сеопфатна комбинација на техники - вклучувајќи детална дисекција и скенирање со МРИ беше искористена за да се опише позицијата и веројатната функција на мускулниот слој.
Додека другите цицачи имаат повеќе од два слоја во оваа мускулна група, не е јасно дали некој е еквивалентен на „Musculus masseter pars coronidea“. Но, се чини дека недостига кај шимпанзата, поради што научниците претпоставуваат дека го има само кај луѓето. Ова е нешто што може да се истражува во иднина, посочуваат истражувачите.
И откритието значи повеќе од ажурирање на анатомските записи: по понатамошно проучување, идентификацијата на овој мускулен слој може да помогне со сите видови хируршки процедури и тераписки третмани кои ја вклучуваат долната вилица.
- Иако генерално се претпоставува дека анатомските истражувања во последните 100 години не оставиле ништо неистражено, нашиот наод е малку како зоолози кои откриваат нов вид на 'рбетници“ - вели Турп.
Истражувањето е објавено во „Аналс оф анатоми“.
Извор:
Science Alert
Фото: Jens C. Türp, UZB