X
 24.12.2024 Живот

Дали сакате да знаете уште колку ќе живеете? Апликацијата „Смртоносен часовник“ дава одговор на ова прашање

Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од смртта. Од пророци и астролози до современи научници, желбата да дознаеме колку долго ќе живееме инспирира различни пристапи и технологии.

Денес, со развојот на вештачката интелигенција, имаме можност да одговориме на тоа прашање на модерен начин. Имено, апликацијата наречена „Смртоносен часовник“ (англ. Death Clock) е меѓу најновите алатки што ги комбинираат науката и технологијата за да обезбедат увид во очекуваниот животен век на корисникот.

Апликацијата лансирана во јули веќе привлече внимание и е преземена над 125.000 пати. Нејзиниот креатор, Брент Франсон, ја дизајнира оваа алатка користејќи податоци од повеќе од 1.200 научни истражувања и 53 милиони учесници. Со анализа на фактори како исхрана, физичка активност, стрес и спиење, апликацијата проценува колку долго би можел да живее корисникот.

Идејата е не само да им се обезбеди на корисниците некаква бројка, туку и поттик да усвојат поздрави навики што би можеле да го продолжат животот.

Иако апликацијата комбинира научни податоци и вештачка интелигенција, тоа не е единствената технологија што ја истражува оваа тема. На пример, уредите како часовникот „Тикер“, кој буквално го одбројува времето до претпоставениот крај, стануваат доста популарни. Слично на тоа, апликациите како „Викроук“ ги потсетуваат корисниците петпати на ден дека еден ден ќе умрат, мотивирајќи ги да го живеат животот максимално.

Сепак, експертите предупредуваат на потенцијални емоционални предизвици. Кај некои луѓе овие алатки можат да предизвикаат вознемиреност или стрес, додека за други можат да бидат корисна алатка за интроспекција и мотивација.

Една од главните предности на оваа апликација е подигнување на свеста за здравјето и обезбедување корисни совети врз основа на персонализирани податоци. Сепак, важно е да се разбере дека предвидувањата не се апсолутна вистина. Генетската предиспозиција, несреќите или непредвидените околности не можат целосно да се земат предвид.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот