Честопати не сме свесни дека нашите родители се сосема обични луѓе со нормални слабости, сè додека не биде предоцна. За жал, мора да дојде време кога тие ќе си заминат од овој свет. Смртта на родител предизвикува емоционална болка.
Ова е писмо на девојка што го изгубила својот татко.
Фото: Freepik
„Одамна не сум ти пишувала. И сам знаеш дека обично ти пишувам кога нешто ме боли, а некако во последно време имав малку болка.
Навикнат си често да ти се жалам. А јас во својата глава имам список со твои одговори, па по потреба ги користам бидејќи е прилично тешко да се разговара со оние што не се живи.
Така, има денови кога мислам на тебе. Постојат моменти во кои сеќавањата за тебе ми трепкаат пред очите и ме бодат како нож.
Кога солзите сами тргнуваат, па невешто ги кријам зад очилата за сонце или се преправам дека нешто ми влегло в око.
Тешко е константно да му објаснувам на светот колку ми недостигаш.
Тешко е да престанам да бидам девојчето што ти мавна за последен пат, не знаејќи дека е последен.
Не знам дали е полесно така или да знам дека си се поздравувал.
Пред неколку недели се капев во Сана. И ти и јас знаеме дека тоа беше наша „работа“. И, и ти и јас знаеме колку трпеливо ме учеше да пливам. Како ме држеше в раце кога требаше да стигнеме до копно бидејќи никогаш не сакавме да се капеме на оние места каде што сите се капат.
Тука се чувствувам како ти да си со мене. Малку е глупаво, но фактот дека се капам во реката во која ти ме научи да пливам, ми се чини како и понатаму да си присутен.
Ми го привлече вниманието девојче испржено од сонцето кое уживаше во водата, како јас некогаш. Со неа беше и татко ѝ. Пливаше храбро борејќи се со брановите, веројатно сакајќи да му покаже колку е храбра, а потоа се искачи на неговиот грб да се одмори.
Знаеш, се прашувам каква би била кога би можела да се потпрам на твојот грб и да се одморам. Дали можеби би била похрабра бидејќи е тешко да се биде храбар кога знаеш дека има многу работи во кои си препуштен сам на себе.
Дали би била повесела?
Дали би била поуспешна?
Дали би била посигурна? Во себе и во светот.
Дали помалку би се плашела од разделбите?
Дали помалку би се плашела од луѓето што ги сакам бидејќи знам колку боли да ги изгубам?
Дали би била поинаква доколку ти останеше малку подолго?
Многу е полесно да се плива и да се бори со струите кога знаеш дека имаш некој свој остров на кој можеш да одмориш.
А на секое девојче, порано или подоцна, ѝ треба татко ѝ.
Мене никогаш не престана да ми биде потребен.
Кога требаше да се надуваат гумите од велосипедот.
Кога требаше да ме однесе на факултет.
На интервју за првата работа.
Кога ми требаше помош со задачите по математика.
Можеби некој аплауз.
Сето тоа го научив и завршив сама, но тоа не значи дека не ми требаше. Барем како опција да знам дека си тука доколку се уморам.
За разлика од некои други, посреќни луѓе, за мене „одморањето од животот“ не беше опција.
Не знам дали тоа мало девојче на плажата знаело колку е среќно што имало грб на кој можело да се потпре.
Јас не сум знаела бидејќи зошто девојчињата би размислувале за тоа?
И можеби сум токму онаква каква што требало да бидам. Малку луда. И многу своја. Девојка што не ги прифаќа површните луѓе и површните односи бидејќи знае дека во животот добиваш ограничен број денови.
Би било глупаво да ги трошиме залудно.
Се надевам дека таму горе каде што си има и некаква река. И дека и понатаму ме чекаш на брегот.
Ќе дојдам и јас кога ќе истече песокот во мојот часовник, па можеме како некогаш да правиме колиби од гранки од врба и да возиме велосипед.
Дотогаш ќе ги чувам овие спомени од тебе и ќе те барам во сè“.
Автор: Јелена Деспот
Извор:
lolamagazin.com