Едно од најчесто поставуваните прашања кога станува збор за зимската опрема и за придобивките од користењето на зимската опрема во возилата е - зошто зимска опрема? За оние кои сѐ уште си го поставуваат ова прашање, како и за оние за кои зимската опрема претставува дополнителен и непотребен трошок (возачи кои во зима возат помалку и на пократки дестинации), РСБСП подготви неколку кратки совети ЗА користење зимска опрема.
Најпрво, зимската опрема можеме да ја поделиме на задолжителна и препорачана.
Под задолжителна зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg, се подразбира зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри (4 mm) или гуми со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Обврската за поседување зимска опрема е задолжителна и се однесува на секое возило што учествува во сообраќајот во периодот од 15 ноември до 15 март. Непоседување зимска опрема во возилото се санкционира парично со 45 евра во денарска противвредност, или со впишување 25 негативни бодови во возачката книшка.
Иако менувањето на летните со зимски гуми, на прв поглед претставува дополнително малтретирање и дополнителен трошок, сепак придобивките од употребата на зимските гуми се повеќекратни:
• Континуирана заштита. Зимските гуми се монтираат пред почетокот на зимската сезона и се користат цела зима. Синџирите за снег се местат по потреба. Временските услови во зима се непредвидливи и во такви услови местењето синџири на тркалата е покомплицирано во споредба со навремената замена на гумите. Дополнително, во зима, и покрај навидум сувите коловози, честа е појавата на голомразица на мостови, на остри кривини, на осојни места и во такви ситуации многу побезбедни се возилата со зимски гуми.
• Безбедност. Кога температурите се ниски, зимските гуми се неспоредливо побезбедни од летните гуми. Зимските гуми се направени од специјална смеса и содржат повеќе природна гума, што ги прави помеки и со подобар контакт со подлогата. Летните гуми ги губат своите својства на температури под 7˚С. Според тоа, зимската гума не е наменета само за снег и за специфични услови на патот, туку и за температури на воздухот под 7˚С.
• Безбедно запирање. При зимски услови на патиштата, сопирачкиот пат на возило со зимски гуми е најмалку за 20% пократок во споредба со истото возило со летни гуми. Сопирачкиот пат на возилото и траекторијата на запирање се клучни дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од неа.
• Стабилност и моќност. Во зимски услови, при ниски температури, зимските гуми ја зголемуваат влечната сила на возилото дури и кога коловозот е сув, влажен или снежен.
• Мобилност и контрола. Зимските гуми ја зголемуваат мобилноста и контролата на возилото при пониски температури и при снежни и замрзнати коловози. Зимските гуми имаат подлабоки шари што ги истиснуваат водата и влажниот снег. Ситните пори што се наоѓаат на нагазната површина на зимските гуми се конструирани да ја исфрлаат водата и снегот и да обезбедат поголема стабилност на возилото.
• Економичност. И покрај тоа што купувањето зимски гуми претставува дополнителен трошок, важно е да се истакне дека со соодветна замена и со соодветна употреба на зимски и летни гуми, употребната вредност на гумите се зголемува двојно, што на подолг рок значи и заштеда на средства.
Покрај пропишаната и задолжителната зимска опрема во возилото, РСБСП препорачува секогаш во возилото да чувате: мала лопата, кабли за стартување, топла облека или ќебе, ракавици, метла, спреј за одмрзнување на брави и стакла, кофа со песок и др. Исто така, мали но важни нешта што ќе ве заштитат од премрзнување доколку се најдете во непријатна ситуација се мобилен телефон, полнач за мобилен и полн резервоар со гориво.
Ниските температури ја намалуваат моќта на акумулаторот и најчесто во зима прво што откажува е акумулаторот. Затоа добро е секогаш да бидете подготвени и да поседувате кабли за стартување на возилото.
Замрзнувањето на стаклото и на бравите е нешто што исто така се случува во зима. За да може да ги одмрзнете стаклата или бравите од голема помош ќе ви биде доколку поседувате соодветен спреј или друго помошно средство.
По неколкучасовни врнежи од снег, неретко се случува возилото да е под подебела снежна покривка. За да го извадите возилото кое на еден или на друг начин останало затрупано во снегот, секогаш е добро да имате при рака лопата, метла, гребалка за стакло и кофа со песок.
Да се поседува синџири за гуми кога возилото поседува зимски гуми не е задолжително, но би можело да биде од голема корист за тие кои патуваат на места со повисока надморска височина.
РСБСП со препорака до возачите: зимските услови на патиштата бараат посебна претпазливост на возачите и посебна подготовка на возилото. Затоа, без изговори. Користете задолжителна и дополнителна зимска опрема бидејќи тоа е предуслов безбедно да патувате во зима и успешно да се справите со сите предизвици.
Квалитетната зимска опрема во возилото може во голем дел да ја елеминира опасноста што ја носи зимското возење.