X
 25.01.2020 Наука

Астрономи забележале избувливи бранови од ѕвездата Бетелгез

Гравитационите бранови се предизвикани од стихијни настани во вселената. Неутронските ѕвезди кои конечно се слеваат по долг период на кружење едни околу други можат да ги предизвикаат, но исто така можат да бидат предизвикани и од судир помеѓу две црни дупки.

Но, понекогаш се појавуваат силни избувнувања на гравитациони бранови за кои немаат јасна причина.

Едно такво избувнување е детектирано од „LIGO/VIRGO“ на 14 јануари и дошло од регион на небото во кој се наоѓа и ѕвездата Бетелгез. Ѕвездата од неодамна се затемнува и се очекува да премине во супернова.

Може ли Бетелгез и гравитационите бранови да се поврзани?

Бетелгез е црвена супергигантска ѕвезда во соѕвездието Орион. Таа е супергигант во последните 40.000 години. На крајот, Бетелгез ќе потроши доволно од својот водород, нејзиното јадро ќе колабира и ќе експлодира како супернова.

Неодамна Бетелгез се затемни. Тоа предизвика најразлични шпекулации во врска со тоа дека можеби се подготвува за супернова. Не постојат точни бројки, но според некои пресметки, Бетелгез нема да премине во супернова можеби уште 100.000 години. Но кога ѕвезда се затемнува, без сомнение нешто се случува со неа.

Дали регистрираните гравитациони бранови се поврзани со неодамнешното затемнување на Бетелгез и нејзиното преминување во супернова?

Бетелгез е ѕвезда од типот променливи ѕвезди и нејзината светлина може да флуктуира. Ѕвездите како Бетелгез не се само статични ентитети. Таа е полурегуларна променлива ѕвезда што пројавува периодични и непериодични промени во својата светлина.

Типот на гравитациони бранови што ги детектирал „LIGO“ се наречени избувливи бранови. Возможно е да ги продуцирала супернова, но Бетелгез сѐ уште не е супернова и нема да биде долго време.
Некои сметаат дека детекцијата на гравитационите бранови од насока на Бетелгез нема врска со самата ѕвезда.

Кристофер Бери е астрофизичар кој ги изучува гравитационите бранови во Центарот за интердисциплинарни и астрономски истражувања при Северозападниот универзитет во САД. На неговиот твитер-профил тој отвори дискусија на оваа тема. Енди Хоувел од опсерваторијата „Лас Кумбрес“ изучува супернови и темна материја. И тој имаше став околу сето ова. Тој дури излегол надвор визуелно да ја провери Бетелгез по детекцијата на гравитационото избувнување. И немало супернова. Избувнувањето на гравитационите бранови можеби е само ненадејна нерегуларност, и затемнувањата на Бетелгез се добро познати и разбрани и не претставуваат закана. Еден ден Бетелгез ќе експлодира во супернова и нашето ноќно небо ќе се промени неповратно. Но, за нас, тука на Земјата, таа супернова не претставува проблем.

Ѕвезда што експлодира е величествен настан. И создава катаклизма од смртоносна радијација, рендгенско зрачење, ултравиолетова радијација, дури и ѕвездената материја се распрснува со огромна сила. Најсмртоносно е гама-зрачењето, а за Бетелгез е веројатно дека нема да произведе ништо вакво кога ќе избувне.

Како и да е, ние сме околу 700 светлосни години оддалечени од Бетелгез, и тоа е премногу далеку за да се грижиме. Најголемата последица е тоа што соѕвездието Орион ќе се промени засекогаш. А на небото ќе имаме нов објект за проучување - остатоци од супернова.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука