Деветнаесетгодишната Зара Радерфорд го сруши рекордот и стана најмладата девојка што сама летала низ светот, откако направила 52.000 километри околу Земјата.
Слетувајќи на аеродромот „Кортријк-Вевелгем“ во Западна Белгија во четвртокот, таа стана најмладата жена и првата Белгијка што сама летала низ светот и првата личност што некогаш го направила тоа во ултралесен авион. За да го реализира подвигот, ѝ биле потребни 155 дена.
Претходната најмлада жена што го постигнала прославениот авијациски подвиг беше Американката Шаеста Вајз, која основала и непрофитна организација наречена „Дримс Соар“, која ја поддржуваше Радерфорд на нејзиното долго патување.
Радерфорд го направи патувањето за да инспирира повеќе жени и девојки да бидат дел од други области на СТЕМ (англ. Science, technology, engineering and mathematics), особено во авијацијата. Потенцирајќи дека само 5,1 отсто од пилотите се жени, таа ја опиша професијата како кариера во која во основа добивате плата за да патувате низ светот.
Нејзиното патување не помина многу лесно, а екстремните временски услови и тешкотиите со видливоста си го зедоа својот данок. Првично планирана во период од три месеци и 52 земји, маршрутата мораше да биде променета поради непланирани слетувања за да се избегнат шумските пожари во Калифорнија, а и поради недобивање дозвола за премин преку Кина.
- Би рекла дека најтешкиот дел беше дефинитивно летањето над Сибир. Беше екстремно студено, -35 степени. Ако заглавеше моторот, ќе бев прилично оддалечена од спасувачките екипи и не знам колку долго би можела да преживеам - изјави таа.
Радерфорд управувала со „шарк аеро“, еден од најбрзите ултралесни авиони во светот, изграден од специјалисти и модифициран за нејзиното патување.
Фото:
Instagram