Германскиот институт за економски истражувања предложил да му се доделуваат 20.000 евра на секој жител на Германија откако ќе наполни 18 години. Парите не би можеле да се потрошат на што било, туку исклучиво за плаќање школарина, отплата на станбен кредит или основање фирма.
- Ако навистина сакаме да создадеме просперитет за секој во блиска иднина, треба да го намалиме високото ниво на имотна нееднаквост преку редистрибуција - напишал во предлогот Стефан Бах, даночен експерт во организацијата.
Во Германија околу 750.000 жители полнат 18 години секоја година. Според тоа, Германија би требало да издвојува по 22,6 милијарди евра годишно за ваквата мерка. Овие пари би можеле да се обезбедат со зголемување на даноците за наследство, воведување даноци за најбогатите граѓани и реформа на даноците на недвижностите, предлагаат економистите.
Фото: Pixabay
Според нив, најбогатите 10 отсто од Германците поседуваат две третини од целиот приватен имот во земјата. Најбогатите 1 отсто поседуваат една третина, а елитата од 0,1 отсто поседува дури една петтина од целиот имот. Меѓутоа, богатите учествуваат со само 1,1 отсто во даночните приходи на државата.
Од друга страна, половина од другите жители поседуваат само 1,3 отсто од целиот имот. Бах тврди дека со предложените даночни реформи вредноста на имотот на најсиромашните жители би се зголемила, а нееднаквоста би се намалила.
Извор:
Investitor
Фото: Pixabay