Дигитална писменост - вештината која денес е еднакво важна како читањето и пишувањето, но сè поретко е сфатена во вистинскиот контекст. Иако младите почнуваат да користат дигитални уреди од сè порана возраст, неформалната употреба суштински не им помага многу во развивање на вештините кои ќе им бидат потребни за понатамошна лична и професионална надградба. Способноста за користење на уреди за игри и забава не е дефиниција за дигитална писменост кај младите.
Дигиталната писменост е многу повеќе од прифаќање на новите технологии, користење на социјалните медиуми или креирање и следење на фото и видео содржини. Таа е способност за користење на дигиталните технологии како алатки за создавање, селектирање и поврзување на информации од повеќе извори, во повеќе формати, и нивна употреба за подобрување на ефективноста во која било област – учење, работа, и сл.
Иако формалните тестирања кои до сега се спроведени во Македонија покажуваат висок степен на дигитална писменост кај младите, оваа тема останува актуелна за размислување и дејствување во правец на нејзино подобрување.
Живееме во време кога дигиталната писменост е еднакво неопходна за достигнување и на личните и на професионалните амбиции. Таа е задолжителна во речиси секоја област од дејствувањето бидејќи овозможува навидум комплексните задачи да се извршат на многу поедноставен и поефикасен начин со подобри резултати. На овој начин секое подобрување од аспект на дигитална писменост кај секој еден поединец дава придонес кон унапредување на економскиот и општествениот живот преку зголемена продуктивност.
Затоа е важно да имаме на ум дека со самото обезбедување на дигитален уред на децата не им помагаме во надградбата на дигиталните способности. Потребно е да го насочиме вниманието кон начинот и целите во кои тие ги користат уредите и знаењата, и областите во кои практично ги употребуваат. Само така можеме да придонесеме кон нивниот личен и колективен прогрес.